Geely го претстави својот SUV што се бори со корона вирусот

153

Кинескиот производител на автомобили Geely Auto, чија матична компанија во своја сопственост ги има брендовите Lotus и Volvo, го најави својот компактен SUV којшто е опремен со систем за филтрирање на воздухот дизајниран да го спречи ширењето на вирусите како што е Covid-19 корона вирусот и нивното навлегување во кабината. Лансирањето на Geely Icon преку интернет на 24 февруари го следеле милион лица ширум Кина, а компанијата вели дека 30.000 автомобили веќе се нарачани во претпродажба.

Овој модел пристигнува само седум дена откако компанијата Geely се обврза дека ќе потроши 53 милиони долари на борба против вирусот, којшто досега уби повеќе од 3.000 лица ширум светот, од кои најголемиот дел во Кина. Алармантната епидемија на вирусот започна во матичната земја на автомобилската компанија, во која до денеска се пријавени 2.912 смртни случаеви.

IAPS системот како одговор на корона вирусот

“Како одговор на новата епидемија на корона вирусот, Geely Auto во рекорден рок разви нов интелигентен систем за прочистување на воздухот (IAPS) којшто има сертификат N95. Овој високо ефикасен состав за прочистување на воздухот делува во тандем со Icon клима-уредот за изолирање и елиминација на штетните елементи од воздухот во кабината, вклучително и бактериите и вирусите“, стои во соопштението на компанијата.

N95 стандардот блокира најмалку 95% од мошне малите (0,3 микрони) честички. Меѓутоа, честичките на корона вирусот често се со помала мерка од ова, што значи дека системот на филтрација веројатно нема да биде 100 проценти ефикасен.

Кога станува збор за самиот автомобил, треба да се напомене дека Geely Icon е поставен на концептот кој кинеската компанија го покажа на Саемот за автомобили во Пекинг во 2018 година и пристигнува во две варијанти – со бензински и хибриден погон. Неговиот асистент за автоматско возење може да го одржува автомобилот во сообраќајната лента, а петте HD камери и 12-те ултразвучни радари овозможуваат и препознавање на пешаците, автоматско паркирање и автоматско кочење по потреба.

Geely не е единствен производител со систем за спречување вируси

Geely IAPS не е систем на филтрација на воздухот којшто е брзо развиен со цел да се воведе во автомобилите. Голем број автомобили сега се опремени да можат да елиминираат некои токсични емисии на издувни гасови кои можат да влезат во кабината од другите возила. Американскиот производител на автомобили Tesla предизвика внимание откако на своите автомобили воведе систем со прилично драматично име Bioweapon Defense Mode (оружје за биолошка одбрана) за кое тврдат дека елиминира најмалку 99,97% од фините честички и плинските загадувачи, како и бактерии, вируси, полен и честички од мувла.

Епидемијата на корона вирусот има голем одек и во Европа со што предизвика откажување на Салонот за автомобили во Женева, откако швајцарската влада ги суспендираше сите настани на кои се очекуваше присуство на повеќе од 1.000 лица, почнувајќи од 15 март. Автомобилската манифестација минатата година привлече 660.000 луѓе. Директорот на настанот процени дека откажувањето на саемот ќе ја чини женевската економија повеќе од 220 милиони долари неостварена добивка. Швајцарија се граничи со Италија, која досега е најтешко погодена земја во Европа.

Преземено од Avtoplus.mk