Да се избегнува користење готовина и плаќањата да се вршат со платежни картички

489

Во условите коишто ги наметнува глобалната ескалација на вирусот Ковид-19 (коронавирус), Народната банка, следејќи ги утврдените мерки за превенција од ширење на вирусот, како и практиките на меѓународните финансиски институции и на централнобанкарската заедница, презеде конкретни активности за заштита на здравјето на заедницата, вклучително и на своите вработени. Преземените активности и мерки се однесуваат и на остварувањето непрекинатост во работењето. Со нив треба да се овозможи превенција од и ублажување на ризиците коишто ги наметнува појавата на новата вирусна инфекција, вклучително и за вработените и работните процеси во Народната банка.

Тргнувајќи од овие цели, покрај активностите поврзани со внатрешната оперативна организација, предвидени се и мерки коишто се однесуваат на комуникацијата со надворешните лица. Оттука, во претстојниот период, а започнувајќи од денес:

–       Музејот и Библиотеката и архивот на Народната банка ќе бидат затворени за посетители;

–       Нема да се одржуваат организирани посети за финансиска едукација;

–       Приемот на налози за извршување плаќања за државата и државните органи ќе се врши до 11 часот. Подигањето документи за подигање ефектива од трезорот ќе се врши во редовните термини од 13 до 14 часот исклучиво преку писарницата на Народната банка;

–       Исплатата и приемот на девизи од овластените лица на државните институции ќе се врши секој работен ден од 14 до 15 часот, исклучиво преку писарницата на Народната банка;

–       Издавањето извештаи за податоци од кредитниот регистар ќе се врши само во вторник и четврток од 15 до 16 часот, исклучиво преку писарницата на Народната банка;

–       Приемот на странки за замена на оштетени пари, за купување книжни и ковани пари за нумизматички потреби, како и на странките заинтересирани за купување ковани пари за колекционерски цели ќе се врши единствено во понеделник, во периодот од 12 до 13 часот.

Народната банка на редовна основа го анализира ризикот од ширење на заразата со вирусот ковид-19 (коронавирус). Доколку е потребно, овие правила ќе бидат променети.

Покрај тоа, заради заштита на јавното здравје апелираме:

–       Да се избегнува користење готовина и плаќањата да се вршат со платежни картички;

–       Да се избегнува посета на експозитурите/филијалите на деловните банки, како и на штедилниците и менувачниците и банкарските услуги да се користат преку сервисите за електронско, мобилно и телефонско банкарство;

–       За упатување прашања, консултации и дописи до Народната банка, да не се доаѓа лично во просториите на Народната банка, туку тоа да се оствари преку е-адресата [email protected], преку официјалните страници на Народната банка на социјалните мрежи или на телефонските броеви  02/3108 108; 02/3108 219; 02/3108 212. За информации поврзани со кредитните работи со странство или други прашања во доменот на Дирекцијата за статистика на Народната банка, комуникацијата може да се оствари преку е-адресата [email protected] или преку телефонскиот број 02/3215-235, локал 123, 128, 120, 129, 126, 121 или 125.

Како централна банка и финансиски регулатор веќе контактиравме и со деловните банки, при што им ги соопштивме овие препораки и дадовме насоки за управување со оперативните ризици, заради намалување на можните негативни последици.

Истовремено, веќе презедовме и дополнителни интерни мерки при што, се откажани учествата на вработените во Народната банка на конференции, семинари и обуки организирани од страна на надворешни субјекти, откажани се сите настани организирани од Народната банка, како и состаноците со надворешни субјекти.

Апелираме до сите правни и физички лица да се придржуваат до мерките и препораките за превенција објавени од надлежните институции.

Фото:Pixabay