Трговци на големо и мало и преработувачката индустрија најголеми учесници во вкупниот промет

52

Според дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика, во 2018 година, деловните субјекти, во рамките на структурните деловни статистики, реализираа за 9,1% поголем промет и за 7,6% зголемена додадена вредност во однос на претходната година.

Предоминантно пазарно ориентираните деловни субјекти (58.231) со ангажирани 396.629 вработени лица, остварија вкупен промет од 1.312.068 милион денари и додадена вредност од 281.656 милиони денари.

Претпријатијата од секторот Трговија на големо и на мало и од секторот Преработувачка индустрија учествуваат со повеќе од две третини во вкупниот промет (69,1%), а по нив следат секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 7,1%, Градежништво со 6,5% и Транспорт и складирање со 5,8%.

Најголем дел од вработените се ангажирани во секторот Преработувачка индустрија, 31%, во кој се создава 27,9% од вкупната додадена вредност. Секторот Трговија на големо и мало ангажира 25,9% од вкупно вработените кои создаваат 23,7% од вкупната додадена вредност. Значително учество во додадената вредност имаат и секторите Градежништво 9,6%, Транспорт и складирање 8% и Информации комуникации 7,3%.

Доминираат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени (90,5%), најголемиот дел од нив од областа на трговијата (40,7%). Со ангажирани 31,8% од вкупно вработените, тие имаат создадена 21,2% од вкупната додадена вредност. Од друга страна, во големите претпријатија (0,3%), главно од секторот Преработувачка индустрија, се ангажирани 25,9% од вкупниот број вработени, со остварени 36,8% од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор.

Фото: Pixabay