Стартува ослободувањето на аконтации за данок на добивка и данокот на личен доход од вршење на самостојна дејност

104

Даночните обврзници кои остваруваат доход од самостојна дејност и обврзниците на данокот на добивка можат да бидат ослободени од плаќање на аконтации, со цел задржување на поголема ликвидност и премостување на првите ефекти од коронакризата. Оние кои ќе поднесат барање до Управата за јавни приходи имаат право да бидат ослободени од плаќање на месечни аконтации за март, април и мај 2020.

Користење на оваа мерка можат да побараат даночните обврзници согласно Националната класификација на дејности од угостителската дејност (шифра 56- дејности за подготовкa и служење на храна), туризам (шифра 79-туристички агенции, организатори на патувања и останати резервациски услуги како и дејности поврзани со нив и шифра 55-објекти за сместување) и транспорт (шифра 49-копнен транспорт. Шифра 50-воден транспорт и шифра 51-воздухопловен транспорт).

Исто така, оваа мерка можат да ја користат и други даночни обврзници, кои имаат претрпено штети во работење заради здравствените мерки за спречување на ширење на Ковид -19, доколку исполнуваат еден од следните услови:

вкупните проходи им се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 или намалувањето на вкупните приходи од 2020 година е повисоко од 40% во однос на истиот период лани.

бројот на вработени кои не работат, односно не придонесуваат во екномската активност на даночниот обврзник – работодавач изнесува најмалку 25% од вкупниот број на вработени во месец февруари.

-даночниот обврзник затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува профитот.

Даночните обврзници – правни лица за да ја користат оваа мерка треба да ги исполнуваат следните услови:

–         Да не го намалат бројот на вработени од денот на влегување на сила на уредбата (26 март 2020) до три месеци по престанување на нејзината важност- освен во случај на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

–        Да не исплатува дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, до денот на траењето на ослободувањето

Даночните обврзници- физички лица кои остваруваат доход од вршење на самостојна дејност за да ја користат оваа мерка треба да го исполнат следниот услов:

–      Да не го намалат бројот на вработени од денот на влегување на сила на уредбата (26 март 2020) до три месеци по престанување на нејзината важност- освен во случај на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Доставувањето на барањата ќе се одвива преку системот е-пдд за обврзниците на данокот на личен доход, односно е-даноци за обврзниците на данокот на добивка, а приемот на барањата преку системите го потврдува Управата за јавни приходи во рок од 15 дена од доставување на барањето, стои во соопштението на Министерство за финансии.

Фото:Pixabay