Ако имате сопствен бренд, а се прашувате што треба да направите за да го одржувате и развивате на пазарот, една од алатките се секако рекламите. Не треба да имате дилема околу тоа дека рекламата ќе придонесе за поголем раст и зајакнување на вашиот бренд, зголемена побарувачка, повисоки приходи. Но, што да се прави во услови на криза? Дали треба да запрете со рекламирање? Експертите за маркетинг уверуваат дека и оваа вонредна состојба може да се искористи за одличен маркетинг, само доколку паметно се осмисли стратегијата за којашто нема да ви бидат потребни огромни суми.
Социјални медиуми
Добро е да знаете дека во услови кога повеќето луѓе се дома, немаат некои поголеми активности што им го преокупираат времето и вниманието, па имаат повеќе време што го поминуваат на социјалните мрежи. Искористете ја оваа ситуација за да се промовирате како одговорен, стабилен и силен бренд што им влева доверба и им решава важни предизвици на своите корисници. За таков вид на рекламирање не се потребни огромни буџети, но сепак вашата реклама ќе допре до поголем број таргетирани потенцијални корисници, кои во истиот момент или за кратко време би сакале да ве контактираат за да го имаат производот што го нудите.
Интернет огласување – тренд што ви гарантира успех
Не ги потценувајте традиционалните канали на рекламирање, но никогаш не го заборавајте и интернет огласувањето. Не мора да правите огромна и скапа кампања во услови на криза, доволно е можеби вашиот копирајтер да направи интересна приказна што ќе се најде на повеќе блогови и портали. Така, ќе допрете до различна читателска публика што во иднина може да биде ваш лојален клиент.
Внимавајте на пораката што ја испраќате
Обидете се во рекламата да внесете доза на ведрина што на луѓето сега им е потребна повеќе од кога било досега. Не рекламирајте нешто во моментот бара да се оди надвор, да не се почитуваат мерките за претпазливост. Добро смислете ја пораката што сакате да ја пренесете во вакви услови. Не ја злоупотребувајте ситуацијата во којашто се наоѓаат потрошувачите, не им давајте лажна надеж или преголеми ветувања што подоцна не би можеле да ги исполните.
Бидете видливи и во услови на криза
Иако сега сите бараат намалување на непотребните трошоци, тоа нека не бидат трошоците за маркетинг. Одржувајте го во “живот“ брендот и во вакви услови, со порака што е синхронизирана со моменталната динамика. Дајте им до знаење на вашите клиенти дека се грижите за нив, дека сте присутни и дека ќе бидете со нив и по поминување на пандемијата.
Одржувајте континуитет
Ако порано фирмите можеа да сметаат на лојалноста на потрошувачите, денес треба да знаат дека постојат без број такви продукти на пазарот, а интернетот им нуди неограничени можности на купувачите. Затоа, и во услови кога треба да бидете претпазливи со трошење, рекламирајте се за да го одржите континуитетот. Така, ќе создадете соодветна спрега на комуникација што ќе продолжи да се развива и по завршување на корона кризата. Не ги изневерувајте оние корисници коишто ви веруваат, напротив покажете им дека мислите и на нив во вакви ситуации.
Фото: Pixabay