Според надлежните ХЕЦ Шпилје е пред реализација на годишниот производен план, благодарение на исклучително поволната хидрологија на дебарското сливно подрачје, кое го сочинуваат реките Радика и Црн Дрим и максималната подготвеност на електромашинската опрема.
“Во изминатиот период од годинава се произведени 228 милиони киловат часови електрична енергија, што претставува остварување за над 90% на годишниот план кој изнесува 252 милиони киловат часови. Моментно, дотекот на вода е околу 140 метри кубни во секунда. Во акумулацијата која е преполна, но е под максималната кота од 580 метри, има резерва на вода за производство на 35 милиони киловат часови струја”, посочуваат надлежните.
Поради дотокот и солидната резерва хидроцентралата продолжува со максимално дневно производство од два милиони киловат часови електрична енергија.
Деновиве прекина и прелевањето вода преку шахтата на акумулацијата Дебарско Езеро, што беше условено од големиот дотек на вода од Радика и од Црн Дрим.
Активностите за ревитализација на 103 метри високата брана на на ХЕЦ Шпилје продолжуваат, што е во рамките на втората фаза од ревитализацијата на хидроцентралите Вруток, Равен, Врбен, Шпилје, Глобочица и Тиквеш.