Расте довербата во онлајн трговијата во Македонија: Лани потрошени над 169 милиони евра

176

Македонците во текот на 2019 година стекнуваат сè повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, може да се забележи од порастот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, кон домашни и странски онлајн трговци, соопштуваат од Асоцијацијата за електронска трговија.

Во текот на 2019 година, Македонците потрошиле вкупно 169,2 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 35,5 милиони евра (26,5%) во однос на претходната година.

Во оваа категорија, евидентно е дека зголемениот број на новоотворени онлајн продавници во Македонија, а со тоа и поголемата понуда на производи и услуги кои се нудат онлајн од страна на домашните компании, бројот на трансакции кон странски, односно домашни веб продавници е речиси идентичен. Конкретно, 50,2% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се одлеале во странство, односно се реализирани кон трговци надвор од Македонија, додека 49,8% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во Македонија.

Може да се заклучи дека зголемената понуда на домашниот пазар, успева да ги задоволи потребите на македонскиот онлајн купувач и овозможува, наместо овие пари да се одлеваат во странство да останат кај домашните компании кои продаваат онлајн.

Расте бројот на трансакции направени онлајн кон македонските онлајн продавници

Имателите на платежни картички издадени во странство го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите. Бројот на онлајн трансакции реализирани во 2019 година, во корист на виртуелни места на продажба во Македонија бележи пораст од 41,6% во однос на 2018 година. Она што е особено значајно за е-трговците од Македонија е дека во текот на 2019 година реализирани се вкупно 170.390 трансакции од страна на иматели на платежни картички од странска банка во корист на домашен трговец, односно, изразено во вредност вкупно 6,85 милиони евра се влеале во Македонија на име онлајн купување од странство.

Ако ја земеме предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во Македонија (68,83 милиони евра), надополнета со вредноста на онлајн трансакциите реализирани со странски платежни картички кон онлајн трговци во Македонија (6,85 милиони евра), можеме да заклучиме дека правните лица чија дејност претставува е-трговијата, односно вршат продажба на производи и услуги онлајн во Македонија приходувале вкупно 75,7 милиони евра во текот на 2019 година.

Во Македонија заклучно со 31.12.2019 година активни се 1.020 виртуелни ПОС уреди

Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 31.12.2019 година во Република Северна Македонија активни се 1.020 продажни места. Станува збор за активно регистрирани виртуелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги.

За период од една година, односно во текот на 2019 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 149 новоотворени.

Фото: Pixabay