Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска на прес- конференција во Владата ги демантираше информациите на туристичко – угостителската комора при Сојузот на стопанско комори кои што беа презентирани вчера.
Министерот за економија како надлежен за ресорот туризам и угостителство презентираше неколку факти со кои се демантираат наводите произнесени од дел од угостителите при што информираше дека Министерството за економија е активно вклучено во носењето на сите мерки од страна на Владата и истите се донесени во соработка со приватниот сектор, односно стопанските комори и асоцијации во нашата држава.
“Сите стопански комори се дел од Координативното тело за туризам и истите активно работат во предлагање на мерки за ублажување на кризата поради коронавирусот кои преку Министерството за економија се предлагаат во Влада. Владата уште на почеток на кризата укажа и имаше целосно разбирање за секторите туризам, угостителство и транспорт и од овие причини првите мерки кои се донесоа ги опфаќаа токму овие сектори со овозможување на истите да искористат бескаматни кредити, субвенционирани придонеси како и намалена каматна стапка за кредити. Свесни сме дека голем број од компаниите од овие сектори се директно опфатени со кризата и од тие причини Владата во вториот пакет на мерки истите ги дополни со нови мерки, односно беа обезбедени дополнителни средства на Развојната банка на Северна Македонија за бескаматни кредити, а исто така им беше овозможено на компаниите да искористат средства за исплата на минимална плата од 14.500 денари за вработен“, рече министерот.
Укажувањето дека угостителите нема да ги користат овие мерки се неточни бидејќи според податоците од Развојната банка на Северна Македонија има голем интерес и апликации на компании токму од овој сектор.
“Како министер за економија лично присуствував на состаноците со сите стопански комори каде што барањето за исплата на минимална плата беше клучно за задржување на вработените во овој сектор, за да сега слушнеме од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори дека нема да ги искористат истите. Очекувавме и како Министерство за економија и како Влада од стопанските комори забелешки или укажувања во делот на подобрување на критериумите за добивање на овие субвенции, но треба да се има предвид фактот дека за нас како Министерство за економија многу е важно истите субвенции да одат кај вистинските угостители, односно угостители кои во минатиот период пред да настане оваа криза редовно ги подмириле сите давачки кон државата“, рече Бектеши.
Тој додаде дека за многу брзо време согласно податоците од Државниот завод за статистика се очекуваат извештаите за месец март за да направат споредби и анализи за бројот на работници по индустрии и ќе се констатира дека бројката од 15.000 отпуштени работници во угостителскиот сектор не е точна.
“Мораме да потенцираме дека мерките на Владата за забрана за вршење на дејноста во угостителските објекти е воведена на 14-ти март, додека согласно податоците од државен Завод за статистика месец јануари го завршивме со позитивни бројки во угостителството односно имавме зголемен број на туристи за 12 % додека во текот на оваа недела ги чекаме податоците за февруари месец. Имајќи предвид дека се соочуваме со сериозен светски здравствен проблем најмалку што очекуваме е коректен и неполитизиран пристап од бизнис заедниците во Република Северна Македонија. Активно, заеднички сме работеле и ќе продолжиме со работа со сите сектори во изнаоѓање на најдобрите мерки за ублажување на кризата, но без да го загрозиме ефикасното и ефективното работење на државните институции“, кажа министерот.
Тој ги повика групациите на угостители преку нивните матични комори да предложат мерки и конструктивно да учествуваат во носење на истите, без да навлезат во паушални анализи кои не се базирани со реални бројки, а со тоа да шират неточни информации во јавноста.