Дигиталниот маркетинг е професија за луѓе кои сакаат динамичност, постојан раст и развој и секојдневни предизвици. Ова во интервју за Бизнис Инфо гo открива Теодора Николовска, основач на дигиталната маркетинг агенција Vrootok и единствената компанија за сертифицирана едукација за дигитален маркетинг Galeksia.
Бизнис Инфо: Вашето име се поврзува со две компании Vrootok и Galeksia. Која е приказната за нив?
Vrootok е дигитална маркетинг агенција, која работи со клиенти од светот. Најчесто работиме со клиенти од САД и Европа кои се во индустријата на е-трговија или SaaS (Software as a Service). Бизнис моделот со кој работиме сега е многу поинаков од бизнис моделот со кој работевме пред 2 години. Во последните две години сме фокусирани на подетална и попрецизна селекција на клиенти, со кои гледаме потенцијал за долгорочна соработка и взаемен раст.
Galeksia е производ на искуството и експертизата на Vrootok и претставува компанија за сертифицирана едукација за дигитален маркетинг, со сертификати признати во целиот свет. Целта со отворањето на Galeksia беше да воведеме еден нов, повисок стандард во едукацијата за дигитален маркетинг кај нас. Сметавме дека имаме должност да допринесеме кон заедницата со споделување на светското знаење и доближување на истото кон нашиот еко-систем.
Galeksia е партнер со Digital Marketing Institute, најголемиот институт за дигитален маркетинг во светот, со главно седиште во Даблин, Ирска. Желбата да ја отвориме Galeksia се случи природно. Со оглед на тоа што во Vrootok работиме со странски клиенти, сакавме светското знаење и искуство да го пренесеме на студентите и професионалците во нашата држава, со цел да ја доближиме таа експертиза до нашите компании и да допринесеме за развојот на дигиталниот маркетинг кај нас.
Долго размислувавме дали да креираме наша програма, како повеќето компании за едукација за дигитален маркетинг кај нас или да се обратиме до најголемите експерти во светот и да го поврземе нашето искуство и знаење со нивното, па така да креираме еден одличен производ кој ќе им гарантира успех на нашите студенти. Digital Marketing Institute е моментално еден од најрелевантните и најкредибилни институти за едукација за дигитален маркетинг, кој има партнери во над 150 земји во светот.
Нашата главна цел со Galeksia е да поставиме еден нов, повисок стандард во неформалната едукација за дигитален маркетинг и затоа ги одбравме програмите на Digital Marketing Institute, кои на светско ниво се одобрени од Facebook, Google, IBM, Microsoft, Coca Cola и многу други компании.
Со сертификатите кои ги издаваме, на нашите студенти им се отвораат вратите кон сите компании и тие можат да најдат работа не само во нашата држава, туку и било каде во светот.
Бизнис Инфо: Какви вештини треба да поседува секој експерт за дигитален маркетинг?
Дигиталниот маркетер пред сè треба да биде сестрана личност која не се плаши од предизвици. Светот на дигиталниот маркетинг се менува буквално од ден во ден, а еден од најголемите предизвици на секој професионалец во денешно време е да остане релевантен и кредибилен за полето во кое работи.
Особено е важно да поседувате интерперсонални вештини, затоа што во оваа сфера често пати се работи со луѓе од целиот свет. Со оглед на тоа што светот сè повеќе се дигитализира и така наречената gig economy (пазар на понуда и побарувачка на работни позиции каде што маркетерите работат на повеќе кратки или долги проекти со различни компании), сè повеќе маркетери во светот работат во интернационално окружување.
Дополнително, најважно од сè е постојано да бидете во тек со сите случувања од сите области во дигиталниот маркетинг, а ги има многу. Дигиталниот маркетинг е професија за луѓе кои сакаат динамичност, постојан раст и развој и секојдневни предизвици.
Бизнис Инфо: Колку компаниите во земјава користат дигитален маркетинг?
Од информациите кои ми се достапни во моментов, сè повеќе и повеќе компании во нашата земја користат дигитален маркетинг, но за жал не на тоа ниво кое вистински ќе им помогне да ја зголемат продажбата. Причините за ова се неколку, но главната е тоа што компаниите немаат доволно средства или не сакаат да инвестираат доволно средства во дигитални маркетинг решенија и експерти кои суштински ќе помогнат на зголемување на нивната продажба.
Тука не станува збор само за алатки за социјални медиуми или платени реклами, туку станува збор за автоматизација на процеси, дигитална трансформација на одредени процеси, како и таканаречената martech област – односно спој на маркетинг и технологија, со цел да се постигнат повисоки цели во компаниите.
Добрата вест е што во последниве години сме сведоци на сè повеќе и повеќе млади претприемачи, кои се образовно и технички подготвени со голем дел од овие вештини, а и се свесни за вредноста која може да им ја донесе дигиталниот маркетинг. Затоа гледаме сè повеќе млади компании кои брзо растат и напредуваат, благодарение на нивните маркетинг вештини.
Како пример за одлични компании кои супер се снаоѓаат во овој дел би ги издвоила Challenger, Ampstor, Markt, Naracaj.com, Adeva, Paket.mk и AirCare кои одлично ги користат алатките на дигиталниот маркетинг и спојот со технологијата, за да креираат решенија за своите клиенти и да дадат дополнителна вредност на заедницата.
Бизнис Инфо: За споредба, бидејќи работите и со клиенти од странство, каков е нашиот менталитет кога е во прашање дигиталниот маркетинг?
Сметам дека не можам прецизно да одговорам на ова прашање, бидејќи нашиот фокус со агенцијата се клиенти од странство, а студентите со кои работиме во Galeksia се навистина одлични, паметни и амбициозни и верувам дека се дел од едно движење кое ќе донесе брз раст и развој на дигиталниот маркетинг кај нас.
Како што веќе споменав, сметам дека компаниите и професионалците сè повеќе ги забележуваат бенефициите кои ги овозможува автоматизацијата на процеси, дигиталните алатки и општо дигиталниот маркетинг, така што верувам дека се движиме во одлична насока!
Бизнис Инфо: Зошто луѓето се плашат да инвестираат во маркетинг за време на криза и што можат да изгубат ако решат да ги запрат сите маркетинг активности?
Не би рекла дека се плашат, повеќе станува збор за правилно распределување на финансиските ресурси, онаму каде најмногу се потребни. Забележавме голем и брз раст на он-лајн платформите за нарачка и он-лајн продажбата во нашата држава откако почна кризата, особено во индустријата за храна.
Од друга страна, компаниите кои се во индустрија која не зависи директно од дигиталните маркетинг активности или се во индустрија која сериозно настрада од кризата, одлучија да ја намалат инвестицијата во овој сектор.
За компаниите кои работат во е-трговија, дигиталните маркетинг активности се дел од примарниот извор на приход, така што тие најмногу би настрадале ако престанат со ваквите активности.
Бизнис Инфо: Кој е “тајниот сос“ што му е неопходен на секој претприемач за да стане успешен?
Успехот е релативна работа, а неговата дефиниција е различна за секој. Според мене, не постои „таен сос“, особено кога станува збор за претприемништво. Постои многу работа, посветеност и истрајност, а и секако по малку среќа, за коцките да се поклопат на право место и во право време. Најважно од сè, постои постојано експериментирање, пробување на различни стратегии и оптимизирање на активностите додека не го постигнете она што за вас претставува успех.
Бизнис Инфо: Како може да се надмине стравот од неуспех за да се успее во светот на бизнисот?
Можеби ќе звучи клише, но единствен начин да го надминете стравот е да скокнете во тавчето и да пробате. Секој претприемач, вклучувајќи ме и мене, доживеал неуспех во бизнисот во одреден период. Некои претприемачи имаат посериозни неуспеси, некои „полесни“, но повторно, тука станува збор за перцепција.
Интересно е колку работите се менуваат кога ќе одлучите да поработите на својата перцепција и начинот на кој ги доживувате работите кои ви се случуваат на вас или на вашиот бизнис.
Перцепцијата најчесто се менува со искуството, не може едноставно да седнете и да одлучите нешто и магично да го смените преку ноќ. Но, колку повеќе се впуштате во „авантури“ и колку повеќе работите на вашата цел, толку повеќе искуство ќе стекнете, во текот на процесот станувате подобри и секоја следна одлука ве носи чекор поблиску до целта.
Бизнис Инфо: Дали имате некој успех, награда, достигнување… на коешто сте посебно горда?
На професионално ниво најмногу сум горда на тимот на Vrootok и Galeksia, односно на Симона, Ивана, Магдалена, Елена, Марија и Марија, кои секојдневно неуморно учествуваат во градењето на она што се Vrootok и Galeksia денес. Тие секојдневно инвестираат во себе, своето знаење и во компаниите и сум особено горда на нивниот брз развој и напредок. Без нив, ниту еден од нашите успеси немаше да се оствари.
Исто така, се гордеам со брзината со која ја позициониравме Galeksia на пазарот, започнавме во февруари 2020-та, а веќе го полниме вториот термин со нови групи на студенти кои ќе бидат идни маркетери. Тоа е знак дека луѓето кај нас знаат да препознаат светски квалитет и знаат да ја препознаат вредноста на програмите кои ги предаваме како партнери со Digital Marketing Institute.
На лично ниво сум среќна што имам семејство, партнер и пријатели кои ме поддржуваат во секој чекор, веруваат во мене и се секогаш искрени кога ќе побарам совет или фидбек, дури и кога нивното мислење е сосема спротивно од моето.
Бизнис Инфо: Кое е вашето мото што ве мотивира?
Омилена изрека ми е: When the going gets though, the tough get going, има и таква песна. Секогаш кога се соочувам со некој предизвик, без разлика дали е на лично или професионално ниво, откако ќе помине целиот процес на анализа и размислување и ќе дојде делот за одлука, се потсетувам на оваа изрека. Силно верувам дека истрајноста, посветеноста и искрената цел која ја имаме се главни водилки кои ќе ни помогнат да ги пребродиме сите потешкотии.