Договорот помеѓу Tesla и FCA поврзан со регулативите во Европа кога станува збор за емисијата CO2 донесе бенефит за двете страни.
Со овој договор FCA се спаси од сигурни драконски финансиски казни од страна на Европската комисија поради флотната емисија на штетни гасови, додека од друга страна компанијата Tesla за овој договори доби 1,8 милијарди евра, што претставува огромна финансиска придобивка за американската марка.
Британски AutoTrader наведува дека овој договор всушност бил спас за две италијански марки – Maserati и Alfa Romeo. Имено, моделите на овие два бренда емитуваат значително поголемо ниво на CO2 од остатокот возила на оваа италијанско-американска корпорација во Европа.
Ова се припишува на фактот дека споменатите брендови поседуваат низа спортски автомобили кои не се особено штедливи кога станува збор за емисијата на CO2, а како второ просечната маса на моделите од Maserati и Alfa Romeo е далеку поголема од просекот кој го има Fiat, кој исто така е дел од FCA.
Доколку не дојдеше до договор со Tesla, FCA ќе беше приморана да реагира и да отстрани дел од моделите на споменатите брендови од пазарот, а тоа ќе значеше и жесток удар врз нив. Но, освен сето ова, FCA ја испитува потенцијалната соработка со Tesla и во други области, пред се во врска со преземањето на напредната технологија од автопилотот, но и потенцијално користење на погонските склопови и батерии на Tesla. Останува да се види дали и PSA групацијата, која наскоро треба да се спои со FCA, ќе биде заинтересирана за оваа соработка.
Преземено од Avtoplus.mk