Ова беа петте најтргувани акции во мај

134

Со акциите на Комерцијална банка, Гранит, Макпетрол, Алкалоид и НЛБ Банка најмногу се тргуваше на официјалниот пазар на Македонска берза, покажува Месечниот статистички билтен за мај.

Со 399 трансакции, најтргувани беа акциите на Комерцијална банка, коишто во вкупниот промет учествуваа со 25,92%. Втори се акциите на Гранит со 256 трансакции или 20,92% удел во вкупниот промет на официјалниот пазар, додека со акциите на Макпетрол се реализирани 161 трансакција. Првата “петорка“ најтргувани акции ја заокружуваат Алкалоид со 194 и НЛБ Банка со 63 трансакции.

Најголем раст на акциите на официјалниот пазар, во текот на мај, имаа: РЖ Економика Скопје (41,67%), Фершпед Скопје (11,30%), Фустеларко Борец Битола (11,11%), УНИ Банка Скопје (6,44%) и Стопанска банка Скопје (6,15%).

Од друга страна, најголем пад имаа акциите на: Макстил (-21,43%), ТТК Банка (-10,50%), Македонијатурист (-8,77%), Стопанска банка Битола (-8,60%) и Комерцијална банка (-8,37%).

Пазарната капитализација во мај беше 178.885.738.614 денари или пад од 0,05% во однос на претходниот месец. Пад од 36,99% има кај прометот што се позиционираше на 476.045.890 денари, додека кај вкупниот број трансакции (1.436) има намалување од 46,72%. Индексот МБИ10 во мај заврши на 4.262,97 поени или 4,50% помалку во однос на претходниот месец.

Фото: Freepik