Трошоците на живот и цените на мало во мај оваа година, во однос на претходниот месец, се зголемени за 0,4%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Пораст на трошоците на животот во мај 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 7,2%, рибата и морските плодови за 0,9%, жестоките пијалаци за 0,8%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, пивото за 0,4%, месото, свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 0,3%, лебот и житата и млекото за 0,2%.
Во мај 2020 година, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај велосипедите, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 3,3%, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 3,2%, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 1,8%, услугите за одржување и поправки на живеалиштето за 0,8%, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето за 0,7%, другите медицински производи, медиумите за снимање, градините, растенијата и цвеќињата за 0,5%, другата облека и додатоците за облека, обувките, теписите и другите подни покривки за 0,4%, моторните возила, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,3%.
Намалување на трошоците на животот во мај 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 0,6%, јајцата за 0,5% и виното за 0,2%.
Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 4%, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 2,2%, електричните апарати за лична хигиена за 1%, големите електрични апарати за домаќинствата за 0,9%, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,8%, облеката за 0,4%, другите лични предмети за 0,3%, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, терапевтските помагала и опрема, информатичката опрема за обработка на податоци, книгите, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,2%.
Трошоците на животот во мај 2020 година, во однос на мај 2019 година, бележат намалување од 0,2%, а кај цените на мало има пад од 1,3%.
Фото: Freepik














