Во кои земји од ЕУ има најмногу, а каде најмалку корупција

69

Последното истражување на Евробарометар покажува дека 71% од Европеjците сметаат дека корупцијата е широко распространета во нивната земја.

Меѓу испитаниците, најмногу Хрватите (97%) потврдуваат постоење корупција во нивната земја, а најмалку се Финците (22%), кои се загрижени за состојбата со корупцијата во земјата.

Анкетата на Евробарометар беше спроведена во последните шест месеци на подрачјето на ЕУ, а резултатите покажуваат зголемување на перцепцијата за корупција кај граѓаните во однос на претходното истражување од 2017 година, кога 68% од испитаниците укажуваа на постоење корупција во нивните земји.

Евростат објаснува дека перцепцијата за корупција се зголемила од претходното истражување во дури 18 земји членки, претежно во Малта, Австрија и Хрватска.

Меѓу земјите членки на ЕУ, најголема перцепција за корупција има во Хрватска (97%), Грција и Кипар (95%), Шпанија и Португалија (94%).

Според гласовите на испитаниците, корупцијата најмалку е застапена во Финска, Данска, Шведска и Холандија.

Речиси 70% од Европејците сметаат дека корупцијата постои во националните јавни институции, а 53% дека таа постои меѓу политичките партии и политичарите. За 69% од испитаниците корупцијата е неприфатлива, а 26% од Европејците сметаат дека влијае на нивниот секојдневен живот.

Меѓу граѓаните кои се изјасниле дека се погодени со корупција вo секојдневниот живот најмногу има Романци (64%), Кипрани (60%), а по нив следат Португалци и Шпанци.

На влијание на корупцијата најмалку се жалат во Холандија (4%), Луксембург (6%), а потоа во Данска, Финска, Шведска и Германија.

Фото: Pixabay