Швајцарската економија оваа година ќе претрпи најлош пад во последните неколку децении, бидејќи пандемијата од коронавирусот го еродира производството и работните места, соопшти швајцарската влада, но и истакна дека падот ќе биде помал од очекуваниот и ќе изнесува 6,2%.
Тоа е најголем пад на швајцарскиот БДП од 1975 година, кога земјата беше погодена од последиците од нафтената криза.
Се очекува и раст на стапката на невработеност на 3,8%, бидејќи надворешната трговија страда, личната потрошувачка се намалува, а компаниите дури сега излегуваат од мерките и суспензиите што им се наметнати да го запрат ширењето на вирусот Ковид-19.
Новата прогноза на владата, сепак, претставува подобрување во однос на падот на БДП од 6,7% кои ги предвидоа швајцарските владини економисти во април и е поповолен од очекувањето за другите европски земји.
Швајцарската влада очекува постепено закрепнување во текот на втората половина од годината, доколку не се случи масовен втор бран на болеста, заедно со сериозни ограничувања.
За 2021 година е предвиден економски раст од 4,9%, иако невработеноста и понатаму ќе остане висока според швајцарските стандарди, од 4,1%.
Швајцарската влада одговори на кризата со пакет стимулации во вредност од над 60 милијарди франци, што е близу 10% од националниот БДП, а над 15 милијарди швајцарски франци за итни заеми исто така се распределени за скоро 130 илјади компании. Околу 1,9 милиони луѓе или 37% од работната сила, побарале државна помош.
Фото: Pixabay