Ваучери за дигитални вештини за млади до 29 години

409

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, на денешната прес-конференција ја презентираа уредбата за доделување на ваучери на млади лица за обуки за дигитални вештини.

Како што рече Манчевски, целта е да им се помогне на младите подготвени да се соочат со предизвиците кои се резултат на здравствено-економската криза, да бидат конкурентни за работни места каде платите се повисоки и секако поради недостатокот на ИКТ кадар.

“Пандемијата предизвикана од КОВИД-19, донесе нови правила на работа и неопходно е сите да се прилагодиме. Дигиталната трансформација и дигиталните вештини се наметнаа за неопходни како никогаш претходно. Преку ваучерите за дигитални вештини, со покривање на половина од трошоците,  им овозможуваме на младите лица да добијат обуки со кои ќе бидат спремни брзо да најдат работа за повисока плата. Предвидуваме да се финансираат обуки за од најосновни до напредни  дигитални вештини. Вкупниот буџет е во износ од 150.000.000 денари“, информираше министерот Манчевски.

Правните лица кои ќе се пријават, како и обуките кои ќе ги понудат ќе бидат селектирани од Дигиталниот форум. Дигиталниот форум е независно тело, во кое членуваат претставници на универзитетите со ИКТ студии, четирите стопански комори, ИКТ експерти и двајца претставници на институциите, односно Владата.  Оваа одлука е донесена со цел јавноста да биде сигурна дека селекцијата на обуките ќе биде направена транспарентно и согласно потребите на пазарот на трудот.

“Обуките ќе опфатат дигитални вештини за управување со софтверски апликации и хардверски компоненти,  вештини на напредно програмирање, вештини за употреба на дигитални технологии, како и поврзани вештини преку кои се овозможува употреба на информациско комуникациски технологии. Дигиталниот форум ќе ја утврди листата на даватели на обуки за дигитални и обуките за дигитални вештини. Пријавувањето на младите луѓе, исто така ќе оди преку националниот портал uslugi.gov.mk“, рече министерот Манчевски.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, се осврна на пакетите мерки кои МОН ги обезбедува со цел помош и поддршка на младите. Станува збор за две уредби од кои првата уредба предвидува доделување средства за набавка на училишен прибор, на средношколци кои потекнуваат од семејства со ниски приходи. Втората уредба предвидува доделување на средства на студенти од семејства со низок приход, за покривање на дел од трошоците за партиципација за студирање или за сместување во студентски дом, односно приватно сместување.

“Пријавувањето и за двете уредби на оние кои ги исполнуваат условите е на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, односно www.dixhitalizohu.mon.gov.mk. Уредбите се креирани во насока на одржување на ученичкиот и студентскиот стандард, јакнење на личната куповна моќ, како и за поддршка на процесот на стекнување дигитални и ИТ вештини за поголема конкурентност и полесен настап на пазарот на трудот“, заклучи Адеми.