Консултантската и ревизорската компанија Deloitte спроведе истражување наречено Иднината на приходите од продажба во автомобилската индустрија. Истражувањата покажаа дека пандемијата од коронавирус силно влијае на автомобилската индустрија, којашто наводно, е на работ на колапс.
Deloitte соопшти дека дури и пред пандемијата, автомобилската индустрија се соочила со големи предизвици и далекусежни последици за традиционалните автомобилски компании.
“Се очекува дополнителен пад на профитабилноста, така што производителите ќе мора да се справат со побрзи и посериозни последици од пандемијата, особено ако го земеме предвид огромниот пад на продажбата на која во моментот сме сведоци“, велат од Deloitte.
Оттаму сметаат дека Кина во моментов е најважниот пазар на продажба и дека нејзината доминација ќе се зголеми како резултат на стагнацијата на најголемите европски пазари.
Според истражувањето, постои очигледна разлика помеѓу традиционалните пазари и Кина бидејќи кинеските потрошувачи се повеќе подготвени да прифатат алтернативни погони отколку европските или американските клиенти.
Се проценува дека наскоро, 80% од сите нови регистрирани возила во Кина ќе бидат целосно електрични или хибридни, а меѓу 31 и 35% во Европа и САД.
Продажниот сектор, главно овластени сервиси и продажба на резервни делови, ќе доживеат особено изразен пад на продажбата бидејќи електричните возила бараат помалку одржување. Исто така, системите за помош на возачите од најновата генерација ја намалуваат веројатноста од несреќи, велат во Deloitte.
Фото: Pixabay