Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди дека глобалната економија ќе се соочи со поголем пад отколку што претходно беше проектирано. Исто така и јавните финансии на државите значително ќе се влошат по напорите на владите да ги сузбијат негативните економски ефекти од пандемијата со Ковид-19.
ММФ сега проценува дека глобалниот пад годинава ќе изнесува 4,9% додека во април предвидуваше пад од 3%, пренесува CNBC.
“Пандемијата од Ковид-19 имаше поголемо негативно влијание врз економската активност во првата половина од 2020 година отколку што беше предвидено, а се очекува и заздравувањето да биде постепено отколку што претходно беше прогнозирано“, се наведува во ажурираниот извештај на ММФ за Светските економски изгледи.
ММФ во април предвидуваше пораст од 5,8% на бруто домашниот производ во 2021 година, но во најновиот извештај истакнува дека тој процент ќе биде 5,4%.
Финансиската институција со седиште во Вашингтон предвидува дека годинава глобалниот јавен долг ќе биде над 100% од БДП.
Според основните сценарија на ММФ, глобалниот јавен долг ќе достигне историски рекорд во 2020 и во 2021 година, односно годинава ќе биде 101,5% од БДП, а следната година 103,2% од БДП. Покрај тоа, просечниот фискален дефицит годинава ќе се искачи на 13,9% од БДП, што е за 10 процентни поени повеќе во споредба со 2019 година.
ММФ предвидува и пад на американската економија од 8% годинава, а во април предвидуваше пад од 5,9%.
Во извештајот се посочува и на пад во еврозоната од 10,2%, а за Бразил, Мексико и Јужна Африка прогнозира рецесија од 9,1% 10,5% и 8%.
Фото: Pixabay