Стогово, нова инвестиција за експлоатација на манган

143

57612E3B62989648AA7528957E30CB7AМинистерот за економија Ваљон Сарачини и  сопственикот на Скопски Легури Мајнинг ДООЕЛ, Денис Корнијенко вчера го потпишаа договорот за експлоатација на минерална суровина – манган за локалитетот Стогово, лоциран во западниот дел на Македонија, близу Кичево.

На чинот присуствуваа градоначалникот на Дебар Ружди Љата, градоначалникот на Дебарца Игор Трајковски и Фатмир Дехари, градоначалник на Кичево.

Покрај директните приливи од концесија и новите работни места, оваа инвестиција ќе значи и дополнителна можност за заработка за многу локални мали и средни компании од западна Македонија.

Министерот Сарачини потсети дека според последните официјални информации растот на индустриското производство од 4% во април годинава во најголема мерка се должи на растот токму во секторот на вадење руди кои изнесува 1,9%, а сето тоа се одрази позитивно и на растот на БДП кој изнесува 2,9%.

Согласно законот, 78% од понудениот износ, како и понатамошните плаќања по основ на концесиски надоместок ќе бидат приход на општините на кои ќе се врши концесиската дејност, додека 22% од овој износ ќе бидат приход на Буџетот на државата.

Оваа инвестиција ќе значи развој за четири општини во западна Македонија. Кичево, Дебар, Струга и Дебарца во своите општински каси ќе инкасираат 78% од понудата доставена од инвеститорот која изнесуваше 26,1 милион денари.

“Гледано по општини приливот за општина Кичево ќе биде 13% или 2.646.320,00 денари, за општина Дебар 28% или 5.724.000,00 денари, општина Струга 20% или 4.071.000,00 денари и општина Дебарца 39% или 7.939.620.00, денари”, информираше Сарачини.