Буџетот на ЕУ за 2021 фокусиран на закрепнување, средства и за Западен Балкан

68

Европската комисија (ЕК) го предложи буџетот на Европската унија за 2021 година во висина од 166,7 милијарди евра. Во него меѓу другото, предвидено е и издвојување од 1,9 милијарди евра за претпристапна помош, за поддршка на соседите на ЕУ, вклучително и Западен Балкан.

Буџетот би бил надополнет со 211 милијарди евра неповратни средства или околу 133 милијарди наменети за позајмици од новиот, привремен инструмент за закрепнување наречен Следна генерација ЕУ. Од овој фонд ќе се обезбеди поддршка за европската економија загрозена од пандемијата којашто ја предизвика коронавирусот.

Како што наведе ЕК, годишниот буџет и привремениот инструмент ќе мобилизираат значајни инвестиции во борбата против економските и социјалните штети, за одржливо закрепнување како и за заштита и отворање нови работни места.

Буџетот за 2021 година, како што се истакнува, е во потполност согласно посветеноста на ЕУ во иднина да инвестира во зелена, дигитална и поотпорна Европа.

Комисијата предложи за заедничка земјоделска политика да се алоцираат 55,2 милијарди евра, за фондот за поврзување на Европа три милијарди, за дигитална Европа 1,34 милијарди евра, за Еразмус плус 2,89 милијарди евра, за фондот за азил и миграции 1,1 милијарди евра.

Фото: Pixabay