Австрија од први јули потполно го отвора пазарот на труд за хрватските државјани. Оваа земја бележи нагорен тренд кога станува збор за закрепнување од корона кризата, а невработеноста за прв пат падна под еден милион.
“Се движиме кон горе, но сè уште не сме се искачиле на ридот“, изјави австриската министерка за економија Маргарет Шрамбак, за 24sata.hr.
На почетокот од воведувањето рестриктивни мерки кон крајот на март, Австрија имаше 637.776 невработени лица додека на први јуни бројот на невработени и оние со скратено работно време се искачи на вртоглави 1.881.735. Меѓутоа, со олабавување на мерките кои вклучуваа отворање на продавници како и ревитализација на угостителството бројот на невработени се сведе на 1.283.121.
Во споредба со минатата година, состојбата со вработеноста во трговијата е иста. Еден од најпогодените сектори е туризмот и сите сектори поврзани со него.
Во моментов особено е проблематичен градскиот, додека руралниот туризам бележи пораст. Од тоа е условена и одлуката на угостителите и хотелиерите да им се продолжи можноста за користење на скратено работно време со финансиска поддршка од државата до септември.
Најбарани занимања
Шрамбак, која е и министер за дигитализација, вели дека пандемијата бара отворање на пазарот и едукација за нови занимања, како што се специјалисти во паметни фабрики и вештачка интелигенција.
Таа истакна дека родовата еднаквост е важна и во технолошката индустрија и повика на поголемо учество на жените. Покрај овие занимања, постои потреба и од експерти кои би работеле во областа на автомобилската индустрија и медицината.
Фото: Pixabay