ССМ: Работодавците да исплатат К-15 на почеток на јули

311

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бара работодавачите согласно Колективните договори да исплатат регрес за годишен одмор на почетокот на месец јули кога и најголем дел од работниците го исполнуваат условот за добивање на регрес за годишен одмор со работење најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

“Бараме и останатите работодавачи согласно Гранските или Колективните договори на ниво на работодавач да го сторат истото на почетокот на месец јули. Со оглед на можноста од користење на ваучерите за домашен туризам на сите граѓани кои ги исполнуваат условите кои ги додели Владата и исплатата на К-15, Македонските работници особено оние со пониски примања ќе можат да си дозволат годишен одмор за своето семејство, а со тоа ќе бидат поддржани и туристичко-угостителски објекти низ државата кои во изминатиот период беа најпогодени поради нивното неработење“, наведува ССМ во соопштението.

ССМ апелира, работниците, средствата од ваучерите како и регресот за годишен одмор да ги искористат исклучиво во туристичко-угостителски објекти во кој има организирано синдикат и каде што не се кршат правата на оваа категорија на работници, а со тоа да придонесеме и спречиме, несовесни работодавачи да ги злоупотребат нашите пари и истоврeмено да ги кршат работничките права на нашите колеги.