Извозот на пиво од Европа во САД би можел да биде скоро целосно прекинат доколку САД одобрат нови царини.
Тоа го изјавил генералниот секретар на Европската асоцијација на пивари, Пјер Оливие Бержерон.
Управата на американскиот трговски претставник објави дека имаат намера да воведат 100 % царини за увоз на производи од Франција, Германија, Шпанија и Велика Британија, како што се маслинки, џин и пиво. Исто така, планираат да ги зголемат постојните даноци на увозот на европски сирења, јогурт и авиони.
Претставник на пиварницата изјави дека испораките на пиво во САД сочинуваат 30% од вкупниот извоз надвор од границите на Европа.
“Најавените американски 100 % тарифи се изненадување. Претходно тие планираа да воведат царини за безалкохолно пиво. Царините до тој степен се невидени, тоа би можело да “исуши“ голем дел од извозот“, изјави тој.
Според Бержерон, најмногу ќе страдаат малите и средни производители на пиво.
“Големите компании имаат производствени капацитети во САД и нема да претрпат штета. Но, за голем број на мали и средни производители, тоа ќе биде катастрофа“, додаде тој.
Минатата година Светската трговска организација (WTO) го одобри воведувањето царини за стоките од ЕУ во вредност од 7,5 милијарди долари. Европската унија побара од WTO дозвола за воведување царини за американски производи во вредност од 11,2 милијарди долари. Организацијата би требало да донесе одлука во јули. Експертите веруваат дека растечките несогласувања би можеле да доведат до трговска војна помеѓу САД и ЕУ.
Фото: Pixabay