Како да си ги наплатите побарувањата во услови на криза?

265

Продадовте производ, му издадовте фактура на купувачот и му дадовте рок од 30 дена да ја плати… Поминува еден месец, проверувате состојба на вашата сметка и иако очекувате, сепак нема прилив. Оваа ситуација им е добро позната на многу бизниси во земјава и во условно кажано нормални услови, а камоли сега во услови на пандемија, кога многу од бизнисите буквално се борат за “опстанок“.

Сепак, независно од условите што владеат на пазарот, мора да поставите јасни правила на игра. Тоа значи дека треба точно да го утврдите датумот на исплата, а во случај да не се реализира, ќе следува наплата на одредена затезна камата.

Но, не треба тоа биде првиот чекор, туку треба да имате добра комуникација со клиентите, најпрво учтиво телефонски или по мејл да ги потсетите за обврската што веќе е достасана. Имајте разбирање, покажете дека ви е важен начинот на којшто работат, па толерирајте до одреден момент.

Ако станува збор за нов клиент, најважно е уште од самиот почеток да ги поставите сите важни правила на игра. Тоа значи дека може да издадете профактура, односно прво да побарате да ви биде платен целиот или дел од потребниот износ, па вие да ја испорачате стоката. Доколку се работи за клиент со којшто веќе добро се познавате, тогаш одржувајте ја комуникацијата за да успеете да ги “извлечете“ парите за да ги си наплатите побарувањата.

Имајте предвид дека ненаплатените побарувања, ако не ги контролирате, ќе го “поткопаат“ и вашиот бизнис и ќе го доведе во прашањето и вашето навремено исплаќање на обврските.

Ако не сте сигурни дека ќе ги наплатите побарувањата од некој клиент, познавајќи ја неговата недисциплина или финансиски потешкотии со коишто се соочува, тогаш подобро е воопшто да не се впуштате во зделката, бидејќи така ќе се заштитите од непотребни трошоци и ќе се поштедите од непотребни главоболка. Бидете учтиви во одбивањето и ветете дека ќе бидете на располагање, штом ситуацијата се стабилизира или подобри.

На пазарот постојат и компании што нудат професионални услуги во однос на наплата на побарувања, па ако сами ги исцрпите сите мерки за наплата, тогаш побарајте и стручна помош.

Фото: Freepik