Професии на кои лошо им се пишува во иднина

Пазарот на труд се менува, потребите на општеството се поинакви, а технологијата “коси“ сè пред себе. Роботите ги менуваат работниците, луѓето сами си букираат сместување и планираат патување, а компјутерите решаваат голем број на проблеми.

Со развојот на вештачката интелигенција се предвидува дека многу професии ќе бидат заборавени, а промената ќе влијае и на некои професии кои во моментот се безбедни.

Пред само неколку години, луѓето беа тие кои наплатуваа за услуги, од аеродроми,  железнички станици, супермаркети, гаражи, сè до патарини на автопатите. Денес, плаќањата се вршат со помош на уреди и паметни телефони.

Покрај тоа, во следните 10 години, возачи, преведувачи, новинари, туристички водичи, работници на производствените линии и библиотекари, сите ќе бидат заборавени како професии.

Според Career Addict на овие професии лошо им се пишува во иднина:

Туристички работник

Денес, скоро секој може да организира патување со резервација преку интернет. Иако некој туристички агент можеше да ви заштеди многу пари во минатото, Американското биро за статистика на трудот предвидува дека бројот на овие експерти ќе се намали за 12% во следната деценија.

Поштар

Бидејќи повеќе луѓе ги плаќаат сметките преку интернет и одржуваат контакти преку социјалните медиуми и е-пошта, количината на предмети што ги носат поштарите дома се намалува, што значи дека се потребни помалку работници. Бирото за статистика на трудот проценува дека бројот на отворени места за поштари ќе се намали за 28% до 2027 година.

Работник во фото студио

Благодарение на сеприсутноста на телефонските и дигиталните фотоапарати, нагло се намали бројот на работни места за обработка на филмот. Во моментов има помалку од 25.000 фото-процесори во САД, а тој број се очекува да се намали за 19,7% до 2026 година.

Јувелир

Бирото за статистика на трудот предвидува пад на ова занимање за 11% до 2024 година. Иако искуството во дигитален дизајн ќе им ја олесни работата на изработувачите на накит, изгледите се сè уште мрачни, бидејќи производството на накит главно се одвива во земји каде трудот е евтин.

Фото: Freepik