Македонски Телеком во првите шест месеци од оваа година евидентираше добивка од 692.844.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.
Во периодот јануари – јуни лани, добивката на телекомуникациската компанија беше на ниво од 880.788.000 денари.
“Нето добивката за првите шест месеци од 2020 година е намалена за 21,3% во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 692.844.000 денари. Доколку се исклучи трошокот за отпремнини на вработените во првите шест месеци од 2020 година, нето добивката бележи намалување од 15% во споредба со истиот период од минатата година“, стои во Образложението за работата на Македонски Телеком.
Вкупните приходи од продажба, заклучно 30-ти јуни оваа година, изнесуваа 5.177.613.000 денари, од кои на домашен пазар отпаѓаат 4.974.827.000 денари, а остатокот од 202.786.000 денари е остварен на пазари во странство.
“Македонски Телеком како и другите компании во земјата и глобално во светот е импактирана од состојбата со Ковид-19. Негативното влијание на актуелните резултати е воглавно во припејд сегментот и роаминг услугите и истото се очекува да продолжи и во следните месеци“, стои во Образложението.
Фото: Freepik