Македонка добитник на наградата топ 25 имигранти во Канада

47

aleksandranasteskaМакедонската претставничка на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) за Монтреал Александра Настеска, активист за зачувување на животната средина, е еден од добитниците на наградата топ 25 имигранти во Канада за 2013 година.

Оваа престижна награда ги слави успешните приказни на најистакнатите имигранти, а Настеска е првата Македонка која ја имала честа да добие едно вакво признание.

“Чест ми е и привилегирана сум да бидам еден од овие топ 25 канадски имигранти. Навистина сум изненадена и мошне возбудена да ја споделам оваа вест со моето семејство и пријатели. Да се биде победник, рамо до рамо со извонредни луѓе кои оствариле огромен придонес за Канада, како на пример професорот и автор на книгата Јас нема да мразам, д-р Изелдин Абјулеш, номиниран за Нобелова награда, НБА кошаркарската ѕвезда Стив Неш и судијата Мајкл Тулок помеѓу другите, ви дава огромно чувство на успех”, изјави Настеска.

Таа се надева дека оваа нејзина победа ќе придонесе кон зголемување на видливоста на Македонците во Канада и воедно ќе ја демонстрира нашата способност и посветеност кон понатамошно унапредување на Канада во земја која ги почитува и слави различностите.

Како една од 600-те номинирани и 75-те финалисти, Настевска ја прими наградата на церемонија во Торонто, чиј домаќин беше Нил Коксал, познат новинар и водител на канадски вести. На настанот беа присутни и претставници на ОМД од Канада, како и канадско-македонските медиуми.

Кариерата на Настеска во медиумите започнува како дописник за National Networks, каде што ги покажува нејзините вештини за планирање и изработка на проекти од социјално и општествено значење.

Нејзината цел, како што вели е да помогне во создавање на еден демократски социјално, праведен еколошки свет каде секој човек ќе има се што му е потребно за достоинствен живот.