Ниту една економија во светот нема да излезе од сегашната криза без значителни промени, но очигледен е економскиот јаз меѓу земјите во Европа кои се различно засегнати од пандемијата на корона вирусот, пишува британски The Telegraph.
Рекордни намалувања на бруто домашниот производ во текот на вториот квартал од оваа година се видливи во речиси секоја европска економија. Додека најголем пад на економската активност се забележува во земји кои имаа долги и строги мерки против ширење на коронавирус, структурата на економиите и на државните буџети ќе ја одредат брзината и интензитетот на закрепнувањето.
Меѓу земјите во Европа кои поминаа релативно подобро за време на корона кризата се Грција, Шведска, Норвешка и Германија.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се надеваше дека планираното економско закрепнување ќе започне со нови деловни и инвестициски програми, пред контролата на пандемијата да стане главен приоритет.
Сепак, населението на Грција се врати на работа порано од повеќето европски земји. Релативниот успех во спречувањето на ширењето на вирусот ја направи земјата популарен избор за летување во пресрет на кризата, а Централната банка на Грција очекува пад од 6 % на БДП во 2020 година.
Во случајот со Шведска и Норвешка, се очекува двете земји да излезат од кризата во подобра состојба во однос на поголемиот дел од Европа, иако имаа драстично поинакви пристапи кон мерките за заштита. Додека шведската влада даде приоритет на економијата и не воведе строги мерки, приоритетот на норвешката влада беше контрола на пандемијата.
Сепак, искуството на Шведска укажа на ограничувањата на ваквиот пристап, каде со благи мерки сè уште бележи рекорден економски пад од 8,6 % во однос на претходниот квартал, како резултат на комбинација на драстично намалување на глобалната побарувачка и потрошувачка во земјата. Според Telegraph, се очекува двете држави да имаат пад од 4% во 2020 година.
Германската економија забележа рекорден пад на БДП во вториот квартал, но има знаци на закрепнување. За оваа година, економистите во Deutsche Bank предвидуваат релативно скромен пад на БДП од 6,4 %.
Велика Британија, Шпанија и Италија се меѓу најтешко погодените земји.
Британската економија се очекува да го доживее најголемиот удар на пандемијата во Европа, откако долгата забрана за движење имаше лош ефект врз потпирањето на населението на услужната индустрија и на општествената потрошувачка.
Самуел Томбс, британски економист од истражувачката агенција Pantheon Makro, вели дека економијата “ќе изгледа страшно во споредба со другите земји“, по рекордното намалување на БДП во второто тримесечје годинава од 21 %.
Шпанија претрпе сериозен економски удар поради строгите мерки и стравувањата од вториот бран, бидејќи туризмот обично учествува со околу 12 % во економската активност на земјата. Економистите очекуваат економијата да падне 10 % оваа година пред делумното закрепнување во 2021 година.
Шпанија исто така има ограничени средства за време на кризата поради претходните долгови, но заедно со Италија ќе добијат голем дел од помошта од новиот фонд за економско закрепнување на Европската унија.
За Италија, сегашната криза е само последниот удар врз економијата, по политичките немири и поради еден од најголемите јавни долгови во светот.
БДП се очекува да падне за 11 % оваа година, како и закрепнување од само 3,4 % во 2021 година. Јавниот долг на земјата се очекува да биде речиси 160 % од БДП, со што се доведува под прашање колку се всушност одржливи јавните финансии.
Фото: Freepik