Голем дел од потрошувачите чувствуваат дека се измамени од рекламите на одредени трговци кои, пак, во услови на поголема понуда од потрошувачка, смислуваат огромен број маркетиншки трикови за да ги привлечат потрошувачите.
Понекогаш станува збор за нечесно рекламирање или, пак, за нечесно пазарно однесување. Секако, не секое рекламирање е нечесно, односно има реклами што се чесни, не се заведувачки и не се агресивни. Потрошувачите треба да ги знаат своите потрошувачки права и начинот на нивното остварување. Потрошувачкото право претставува една од најкомплексните области во правото, а потрошувачите имаат големо влијание врз неговиот развој и комплексноста, за што треба да се земат предвид подолу наведените образложенија, стои во брошурата наменета за потрошувачите за алтернативни начини на решавање на спорови и нечесно рекламирање, изработена од Организацијата на потрошувачи во соработка со Министерството за економија.
Прво, затоа што потрошувачите купуваат производи и користат услуги на зелените пазари, во ексклузивни продавници, но тие пазарат и преку интернет, во својата земја, но и насекаде во светот. Второ, тие купуваат и користат производи и услуги чија цена изнесува само неколку денари, но и такви за кои плаќаат и повеќе милиони денари. Трето, потрошувачите се целта кон која е наменето производството, но истовремено тие се најслабата алка во синџирот на производство, трговија и потрошувачка.
Потрошувачите, преку својата одлука за тоа што побаруваат на пазарот, директно влијаат на трговците во поглед на пласманот на производи и услуги. Трговците своето производство, услугите и маркетингот ги насочуваат за да привлечат што поголем број потрошувачи.
Четврто, тоа е најбројната популациска група која има големо влијание на пазарот на производи и услуги, нивната понуда и побарувачка. Петто, сѐ уште постојат ексклузивитети или монополски позиции на одредени трговци и даватели на одредени услуги, што доведуваат до потреба од државна интервенција, регулатори или, пак, потреба од вкрстување на потрошувачкото и конкурентското право.
Единствено добро информираните и едуцирани потрошувачи можат да донесуваат правилни одлуки при изборот на производи и услуги и на тој начин со својата одлука за купување да влијаат на стопанството, заштитата на околината и создавањето подобро општество и опкружување за сите нас. Меѓутоа, честопати, ние како потрошувачи сметаме дека ни се повредени правата и не можеме да најдеме соодветни правни или институционални механизми за нивна заштита, а тоа се случува дури и тогаш кога сметаме дека припаѓаме на групата добро едуцирани потрошувачи, односно не сме дел од категоријата на ранливи потрошувачи.
Правата на потрошувачите се штитат со востановување на правна рамка со голем број на различни закони, како и преку комплексни политики и стратегии во различни сектори и индустрии, како, на пример, здравство, образование, транспорт, туризам, земјоделство, прехранбена индустрија, фармација, текстил, хемија, заштита на човековата околина, телекомуникации, снабдување со разни видови на комунални услуги, електрична енергија, топлинска енергија, гас и многу други.
Она што денес го карактеризира потрошувачкото право е зголемување на обврските на трговците, особено во однос на известувањата коишто трговците се должни да им ги дадат на потрошувачите; внесувањето на правото на потрошувачот за еднострано раскинување на договорот или можноста за повлекување од договорот; можноста за колективна заштита на правата на потрошувачите; (полу)присилната природа на правилата за заштита на потрошувачите; барање за обезбедување широк круг битни информации во одредбите на договорите; воспоставување посебни специфични правила за потрошувачките договори; пренесување на товарот на докажување на трговците; тенденција за изедначување на правата и обврските на трговците во глобални рамки со зголемување на можноста за глобална трговија; можности за вонсудско решавање на потрошувачките спорови и онлајн решавање на овие спорови.
Денес имаме впечаток дека под влијание на правната рамка глобално во односите помеѓу трговците и потрошувачите се имплементира начелото според кое трговецот мора да е повнимателен кога нуди на продажба или продава стока, нуди или дава услуга наменета за потрошувачите.
Ова начело полека го потиснува начелото кое порано било начело на кое се засновале односите на трговците и потрошувачите и според кое купувачот бил тој кој мора да внимава што купува или каква услуга треба да користи. Нашите сознанија, сепак, говорат дека сѐ уште во односите на трговците и купувачите, во земјите на транзиција, каде што свеста за потрошувачките права и имплементацијата на потрошувачките закони во практиката не е до крај доследна, трговците не се до крај доследни во остварувањето на своите обврски за чесно рекламирање. Европската Унија со единствен пазар особено ја препознава потребата за изедначување на правилата за нечесно пазарно однесување на пазарот без граници, особено во ситуации на прекугранично тргување. Во оваа насока, во Европската Унија се усвоени правила за спречување на нелојалната конкуренција, правила против заведувачкото и споредбено рекламирање и поттикнувања за усвојување кодекси на однесување на трговците кои, секако, придонесуваат за подобра положба на потрошувачите.
Фото: Pixabay