Euro 7 стандардот ќе стави крај на моторите со внатрешно согорување

118

Автомобилските производители се загрижени дека претстојниот Euro 7 стандард за емисии ќе ги принуди и конечно да се насочат единствено кон електричните модели.

Производителите веќе сега мака мачат со 6d стандардот за емисија на штетни гасови, а пандемијата на коронавирусот само дополнително направи проблем. Сега, се очекува да пристигне и Euro 7 стандардот кој би требало да стави крај еднаш за секогаш на моторите со внатрешно согорување. Имено, производителите стравуваат дека претстојниот Euro 7 стандард ќе ги зголеми трошоците до момент кога веќе нема да биде профитабилно да се прават патнички возила без plug-in хибриден систем или целосно електричен погон.

Euro 7 стандардите дополнително ќе го намалат максималното дозволено ниво на емисии и се очекува да стапи на сила најрано во 2025 година, пренесува Autonews Europe.

Еден од предлозите е водородните оксиди (NOx) да се сведе на 30 милиграми по километар, што според денешните стандарди всушност би било под нивото на маргинална грешка која се гледа на системите за мерење на емисиите.

Euro 6d е веќе голем товар за производителите

Од јануари, Euro 6d стандардите ќе ги присилат возилата да не емитуваат повеќе од 80 милиграми по километар, како на тестовите, така и во реални услови – со исклучок на маргиналната грешка на преносливите системи за мерење на емисии проценета на 34,4 милиграми по километар.

Сега, инженер во Volkswagen вели дека Euro 7 предлозите од советувачката група во Европската унија за стандарди на емисија на возилата стапат на сила, германскиот производител веќе нема да може да си дозволи да го продава Volkswagen Polo за 15.000 евра.

“Ако ги прошират границите со што тестирањето би опфатило и возење по угорнина со влечење на приколка, тогаш тоа ќе биде крајот за автомобилите со мотори на внатрешно согорување – ниту 48-волтен благ хибриден систем нема да може да ги пресретне тие ниски барања во секоја ситуација“, вели анонимниот извор.

“Ќе мораме да се ослободиме од мануелните менувачи со цел да бидеме во можност да го диктираме прецизниот тајминг на менување на брзини и забрзувањето ќе биде многу поградациско, па автомобилот ќе се однесува како да е на таблети за спиење. Не само што трошоците ќе се зголемат, туку и се што е забавно околу возењето, едноставно ќе исчезне“, додава тој.

Електрификацијата пристигнува, но бавно

Иако времињата се менуваат и полека влегуваме во ерата на целосно електричните возила, сепак мора да се земе предвид фактот дека не секој ќе може да си дозволи да купи нов plug-in хибрид или електричен автомобил. Особено не во нашата држава каде се уште немаме никакви субвенции.

“Луѓето кои поради некоја причина нема да можат да се префрлат на електрични возила, на крајот се придржуваат до своите постоечки возила, наместо да ги заменат со некои почисти“, вели инженерот од Volkswagen.

Во меѓувреме, лобирачката група ACEA вели дека Euro 7 инженерските таргети ќе мора да бидат поставени блиску до нула за да се земе предвид толеранцијата во мерењето.

“Нема доказ да се покаже дека лимитот на NОх од 30 милиграми по километар е технички изводлив денес, особено преку сите можни типови на возење. Истиот лимит исто така ќе мора да биде пресретнат во широк опсег на уште поекстремни услови за возење, вклучително и висока надморска височина, висока брзина, возење во угорнина, возење со полн товарен капацитет и возење во посурови зимски и летни услови“.

Во секој случај , без оглед на тоа кога овие норми ќе стапат на сила и колку строги ќе бидат, деновите на неелектрифицираните мотори со внатрешно согорување очигледно се избројани.

Преземено од Avtoplus.mk