Заштита на правата од интелектуална сопственост – предуслов за креативна, иновативна и конкурентна економија

88

Политиките за поттикнување на иновативноста и технолошкиот развој кај компаниите како предуслов за поголема конкурентност и раст се неразделни од политиките за заштита на правата од интелектуална сопственост. Во ерата на економија заснована на знаење, соодветната заштита на овие права претставува можност за компаниите да генерираат поголема додадена вредност и профит преку лиценцирање, продажба и комерцијализација на производи и услуги, привлекување инвеститори, пристап до финансирање, спојување на деловни субјекти, пласман на странски пазари итн.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: ТЕКОВНА СОСТОЈБА И КЛУЧНИ ПРЕДИЗВИЦИ

Секторите во кои има интензивна потреба од заштита на интелектуалните права придонесуваат за 42% од БДП и 38% од вработувањата на ниво на ЕУ. Како резултат на тоа, во текот на последната деценија ЕУ презеде иницијатива за создавање на т.н. единствен пазар на правата од интелектуална сопственост, што претставува процес на хармонизација и поедноставување на постапките за заштита на правата на пан-европско ниво.

Северна Македонија, иако сè уште не е членка на ЕУ, е потписник на Европската патентна конвенција што овозможува единствена пријава за европски патент кој само се валидира во конкретната држава од интерес, со што компаниите имаат можност да регистрираат патент во вкупно 40 европски земји.

Во процесот на пристапување кон ЕУ, усогласувањето со правилата за заштита на интелектуална сопственост претставува не само формално барање за транспозиција на директивите и хармонизација со европските правила, стандарди и практики, туку и суштинска неопходност, како за македонските компании да ја зачуваат и зголемат својата конкурентост на европскиот пазар, така и за влезот на странски компании на македонскиот пазар.

Европската комисија во Извештајот за напредок на Северна Македонија за 2019 година дава детална оценка на состојбата со правата од интелектуална сопственост, што во голема мера се пренесува и во Извештајот за 2020 година. Иако државата се смета за умерено напредната во оваа област, во однос на авторското и сродните права во извештаите се нотира нецелосна усогласеност со Директивата за колективно управување со правата, што им овозможува на паралелни организации да наплаќаат надомест од авторите, без да имаат одобрение за тоа од Министерството за култура. Недостатокот на човечки капацитет во соодветното одделение во Министерството како надлежна институција во оваа област се наведува како клучна пречка за поефикасна соработка со останатите национални чинители и меѓународни партнери.

Кога станува збор за правата од индустриска сопственост, нецелосна усогласеност се забележува во однос на Директивата за спроведување и Директивата за трговски тајни.

И покрај тоа, во рамки на постапката за обезбедување заштита на правата од индустриска сопственост во последните години забележано е зголемување на бројот на пријави.

 

ЗАКЛУЧОЦИ И ПРЕПОРАКИ

  • Имајќи предвид дека Стратегијата за индустриска сопственост 2016-2018 година е застарена, потребно е донесување на нов стратешки и соодветен акциски документ во кои би се предвиделе детални мерки за подигнување на свеста за потребата и корисноста од заштитата на правата од интелектуална сопственост, пред сè во поглед на МСП, како и мерки за подобрување на спроведувањето.
  • Потребно е да се воведе информатички систем за размена на информации кој ќе ги поврзе клучните институции вклучени во Националното координативно тело со цел да се поедностави и забрза постапувањето во случаите на повреда на правата.
  • Потребно е да се воведе соодветен статистички систем кој би ги документирал постапките покренати од сите надлежни институции со цел следење на развојот во оваа област на подолг рок.
  • Потребно е доусогласување на Законот за индустриска сопственост со Директивата за трговски тајни со цел јакнење на довербата кај компаниите и правната сигурност.
  • Потребно е доусогласување на Законот за авторски и сродни права со Директивата за колективно управување со правата со цел уредување и идентификување на легитимни застапници на правата на авторите.
  • Имајќи ја предвид стратешката природа на ИКТ индустријата за развојот на целокупната економија, потребно е обезбедување повисок степен на заштита на софтверот како интелектуална сопственост, не само преку постојната можност за заштита како авторско дело туку и преку механизми за негова заштита како индустриска сопственост. Дополнително, потребно е подетално уредување на преносните права во постапките за јавни набавки.

Целосниот документ може да го преземете на следниот линк.

Документот е изработен во состав на проектот „Промовирање на мултилатерален дијалог и соработка со граѓанскиот сектор, јавните власти, бизнис секторот и медиумите за побрзо прилагодување кон единствениот пазар“ имплементиран од Фондација Претприемачки сервис за млади, финансиран од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги (UNOPS).