Пристигна Zoox – автономното возило на Amazon

64

Откако кон почетокот на оваа година беше претставено автономното возило Cruise Origin, сега пристигна и автономниот шатл Zoox на Amazon.

Zoox е компанија во сопственост на Amazon и сега го претстави своето роботакси коешто го опишува како “целосно функционално, електрично, автономно возило дизајнирано за густите, урбани средини“. Всушност претставува “кутија“ на тркала, а возилото е долго 3.630 милиметри и 1.936 милиметри високо.

Покрај компактните димензии, овој шатл има и врати на лизгање, како и стилски четирикраки алуминиумски тркала. Моделот исто така се одликува со симетричен дизајн како и високо-технолошки светлечки систем кој “им кажува на останатите корисници на патот што Zoox ќе направи следно“.

И покрај неговата големина, Zoox има простран ентериер со четири седишта. Двете клупи во форма на софа се насочени една кон друга за максимален комфор. Со оглед на тоа дека возилото е автономно, во него нема управувач и традиционални контроли. Од компанијата не откриваат многу за кабината, но во неа може да се забележи ѕвездената прекривна на покривот како кај Rolls-Royce. Шатлот исто така е опремен со безжични полначи за телефони и екрани за инфозабавниот систем кои овозможуваат гласовна контрола, како и информации околу вашата дестинација.

Од Zoox не откриваат многу спецификации. Сепак, потврдија дека нивниот автономен шатл има 133 kWh батерија која ќе му овозможи да работи 16 часа без престан. Компанијата исто така истакна дека возилото може да функционира на брзини до 121 километар на час. Ова е прилично многу со оглед на тоа дека голем број автономни шатлови се движат со исклучително мала брзина. Моделот исто така има и управување на четирите тркала и двонасочна возачка способност.

Од технолошка перспектива, шатлот е опремен со “уникатна сензорна архитектура со камери, радар и LiDar за добивање на несметан 270-степен преглед на сите четири агли на возилото, елиминирајќи ги типичните слепи точки и овозможувајќи му на возилото постојано да ги следи предметите кои се веднаш до и зад него, вклучително пешаци, велосипедисти и останати корисници на патот“. Од Zoox велат дека моделот може да гледа до 150 метри оддалеченост во сите насоки, па дури и зад аглите.

Возилото има повеќе од 100 безбедносни иновации кои ги нема во конвенционалните автомобили, велат од Zoox. Тука е вклучено и специјалното воздушно перниче дизајнирано за користење во двонасочни возила. Засега нема информации кога ќе можеме да ги очекуваме Zoox возилата на улиците.

Преземено од Avtoplus.mk