Со новата ИПАРД програма до повеќе вработувања

46

georgievПреку новата ИПАРД програма предвидено е финансирање на повеќе дејности, а за истата ќе бидат одвоени 15 милиони евра за отворање на нови работни места со кофинансирање.

Занаетчиството, туризмот, алтернативното земјоделство, новите сместувачки капацитети, угостителството се само дел од новата ИПАРД програма, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

На планинските места каде што има до 30.000 жители ќе бидат финансирани нови сместувачки капацитети, а во езерските места како Дојран, Преспа, Радожда, покрај сместувачките капацитети ќе се финансира и угостителстото, односно изградба на ресторани, кафулиња и слично.

Исто така со новата ИПАРД програма се предвидува и финансирање на фризерски салони, игротеки, градинки со цел подобрување на квалитетот за живот во руралните средини, а ќе бидат кофинансирани 50% од вложените средства.

За стекнување на правото за користење на овие средства, потребно е барање до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, со образложение за проектот, субјектот кој аплицира да нема долг кон државата, како и доказ за сопственост или за закупнина на земјиштето каде што ќе се реализира проектот.

“Оваа година е направен уште еден исчекор, претходно проектите што беа поддржани од државата преку кофинансирање беше од 5.000 до 200.000 евра, годинава долниот праг е симнат на три илади евра, а горниот зголемен на 450.000 евра. Исклучок се туристичките капацитети каде е дозволено финансирање проекти во износ до 750.000 евра, што го покажува посебниот акцент на можностите што се даваат во туристичката дејност”, рече Ѓорѓиев.

Огласот треба да биде објавен во текот на неделава од страна на Агенцијата за финансирање на земјоделскиот и руралниот развој и ќе трае 45 дена.