Со 217.000 евра проширена и реконструирана општинската зграда во Сарај

26

Направено е проширување и реконструкција на зградата на општината со Сарај, преку Проектот за подобрување на општинските услуги-МСИП кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка. На општината ѝ беа доделени 13 милиони денари или 217.000 евра за општинската зграда да стане модерен и енергетски ефикасен објект, кој ќе овозможи подобри услови за работа на вработените и подобри општински услуги за граѓаните во општината. На јавниот настан по повод завршување на проектот присуствуваа министерот за финансии Фатмир Бесими и градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети.

Со спроведување на проектот за реконструкција и доградба на општинската зграда, капацитетот на објектот се зголеми за 325 метри квадратни. Исто така, поставена е нова фасада, нова кровна конструкција, поставени се нови енергетски ефикасни прозорци, направена е реконструкција на подната површина и нова заштитна ограда по скалите во целиот објект.

Министерството за финансии преку Проектот за подобрување на општинските услуги го додели заемот на општина Сарај по исклучително поволни услови од 13 години отплата со 3 години грејс-период и каматна стапка од 6-месечен Еурибор.

“Проектот за подобрување на општинските услуги, преку кои е реализиран проектот за општинската зграда на Сарај, е проект кој има за цел преку вложување во капитални проекти во општините да се подобрат општинските услуги, како и условите за живот во општината. Конкретно со овој проект во Сарај, ќе се подобрат општинските капацитети за опслужување на граѓаните во општината, второ ќе се обезбедат подобри услови за работа на вработените во општината и трето со подобрување на ефикасноста на градбата ќе се намалат трошоците за одржување“,посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.

Градоначалникот на општина Сарај Беџети истакна дека со овој проект општината и вработените добиваат простор каде ќе можат соодветно да ги извршуваат своите работни обврски. Граѓаните од општината исто така, добиваат соодветен простор како и подобрување на општинските услуги. Истовремено, се намалуваат и трошоците за поправки и одржување.

Министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека Проектот за подобрување на општинските услуги е исклучително успешен проект кој поддржал над 250 капитални проекти во сите општини во земјава. Станува збор за локална инфраструктура, како патишта и улици, водоводи, енергетска инфраструктура водоснабдување, канализација и одведување на отпадни води, енергетска ефикасност, изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона, набавка на општинска механизација и опрема и други проекти значајни за подобрување на општинските услуги.

Тој посочи дека за успешноста на проектот говорат и податоците дека во услови на светска пандемија и економска криза во текот на минатата година овој проект имаше реализација од 98,75% на капиталните проекти преку овој проект. Завршени се 43 капитални проекти во 37 општини, во сите региони во државата, во вредност од над 10 милиони евра од кои директна корист ќе имаат околу 150 илјади граѓани. Во рамки на овие проекти се вклучени и проекти за опремување на училишта, опремување на градинки, изградба и реконструкција на локални патишта, на филтер станици, водоводни мрежи и други проекти кои придонесуваат за подобрување на општинските услуги.