Цените на храната на светските пазари во јануари бележат раст осум месеци по ред, достигнувајќи го највисокото ниво од јули 2014 година. Во најголема мера поскапеа житарките, шеќерот и растителните масла, објави Агенцијата за храна на обединетите нации.
Индексот на цени на основни прехранбени производи во јануари е зголемен за 4,3% во споредба со ревидираната вредност во декемеври.
Цените на житарките на почетокот на годината пораснаа за 7,1% во споредба со претходниот месец. Најголем раст има пченката и тоа од 11,2% поради зголемената кинеска набавка и проценките за слабо производство и залихи во САД.
Во јануари голем пораст има и кај цената на пченицата и тоа за 6,8% поради силната глобална побарувачка и очекувањата за намален извоз од Русија.
Во споредба со цените во јануари 2020 година, цените на житарките се зголемени за 42,3.
Најголем пораст во јануари има цената на шеќерот и тоа за 8,1%, поради загриженоста за родот на шеќерна репка во Европската унија и Русија и шеќерна трска на Тајланд, како и сушите во Јужна Америка, што ја наметнаа потребата од увоз.
Растителните масла забележаа пораст од 5,8% и достигнаа највисока вредност од 2012 година. Млекото и млечните производи поскапеа за 1,6%, додека цената на месото се зголеми за 1%.
Фото: Freepik