Компанијата Макпетрол минатата година ја заврши со вкупна сеопфатна добивка од 392.487.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.
Една година претходно, добивката на нафтената компанија беше на ниво од 983.663.000 денари.
“Во овој период, Макпетрол АД – Скопје оствари вкупен приход во износ од 16,76 милијарди денари, кој е помал од минатогодишниот за 6,14 милијарди денари, односно остварен е пад од 26,82%. Во структурата на приходите, најголем удел со 98,8% имаат приходите од продажба, од коишто 97,0% од приходите се остварени со продажба на домашниот пазар, а само 1,8% приходи се остварени со продажба на странски пазар. Во истиот период, остварени се вкупни расходи во висина од 16,38 милијарди денари што претставува намалување во однос на минатата година за 5,55 милијарди денари или за 25,32%“, стои во Образложението за настанатите значајни промени во финансискиот резултат во периодот јануари – декември 2020 година.
Основна причина за намалување на остварените приходи и добивката, како што се наведува, е намалување на прометот на стоки и услуги со почнување на пандемијата.
Најнегативно влијание од воведените мерки има кај прометот на млазно гориво, коешто со мерката затворање на аеродромите, од 27.196 тони во 2019 година се намали на 8.914 тони во 2020 година. Со тоа и приходите од продажба на странски пазари, како што се наведува во Образложението, се намалени од 1.247,4 милиони денари во 2019 година на 306,6 милиони денари во 2020 година.
Фото: Pexels