Трендот на дигиталниот маркетинг што го наметна пандемијата ќе продолжи да расте и годинава за што говорат прогнозите дека дигиталното рекламирање ќе учествува со дури 60 проценти во вкупниот буџет за промоција на светско ниво, беше оценето на вебинарот што го организираше Катедрата за маркетинг при Економскиот факултет во Скопје.
Пандемијата влијаела и на навиките на потрошувачите во смисла на тоа дека за разлика од минатото кога се преферираа исклучиво физичките продавници, со новонастанатата ситуација променети се навиките во корист на онлајн купувањето, а како одлична можност за пристап до потрошувачот во новонастанатите околности е посочен е-маил маркетингот.
Говорниците на вебинарот заклучиле дека за успех на компаниите потребна е иновацијата во сите бизнис процеси, вклучително и во маркетинг-активностите, особено имајќи го предвид фактот дека пандемијата го забрза процесот на дигитализацијата на бизнисите.
На вебинарот Changing the marketing landscape in 2021: Challenges and perspective, учествуваа маркетинг-професионалци како Мери Шешо, раководител на одделот за дигитални услуги во McCann Skopje; Оливер Петровски, Managing Director на New Moment Tirana; Ненад Атанасов, сопственик на компанијата Нени Компани (мултибренд продавниците City Fashion) и Драган Јосифовски, ко-основач и управител на Paket.mk.