Вкупно шест медали од кои едно двојно злато за ВВ Тиквеш и Tikveš Châteaux & Domainеs во Кина

92

Добро познатото црвено Т’га за југ – берба 2019-та од ВВ Тиквеш доби двоен златен медал на најголемиот и најпрестижен кинески вински натпревар кој се одржа во Хонг Конг – China Wine & Spirits Awards Best Value 2021.

Покрај ова највисоко признание, со злато беа наградени и Vranec Special Selection од бербата 2018-та; Cabernet Sauvignon Special Selection 2019-та, како и Domaine Lepovo Grand Cuvée 2016-та. Дополнително, сребрен медал беше доделен за Vase de Pierre од 2018-та, додека пак со бронза се здоби Тerrasse a l’Ombre од бербата 2018-та.

Двојниот златен медал, што е највисоко признание кое се доделува на овој вински натпревар, Т’га за југ го освои во конкуренција со најпознатите светски вински брендови кои се селектирани и оценувани од тим од 100 вински судии, номинирани од најголемите увозници на вино, ресторани и специјализирани продавници во Кина, кои годишно увезуваат вино во вредност од над 20 милијарди долари. Во процесот на издвојување на вината со најголема вредност се оценува нивниот квалитет, но истовремено се зема предвид и цената. Освоените награди претставуваат препорака за вината и информација за потрошувачите за тоа кое вино нуди најголема вредност во однос на цената и квалитетот.

Оценувачите на China Wine & Spirits Awards Best Value 2021 заедно продаваат 75 милиони шишиња вино и алкохолни пијалаци годишно, со што овој натпревар станува највлијателен за продажба на вино и алкохолни пијалаци во светот.

Ова е втор меѓународен натпревар на кој учествува ВВ Тиквеш со своите вина оваа година, постигнувајќи значителен успех. Имено, на мартовскиот Мундус Вини во Германија, вината на Tikveš Châteaux & Domainеs освоија три златни медали и две специјални награди. ВВ Тиквеш која е најнаградуваната винарница во поширокиот регион, во 2020-та година освои 130 награди и признанија на реномирани меѓународни вински натпревари.