Bentley го претстави новиот Continental GT Speed

59

Британскиот производител Bentley ја претстави најновата верзија на своето GT купе наречена Continental GT Speed.

Новиот Continental GT Speed на Bentley нуди многу повеќе од брзина, вели британскиот производител. Најновата високо перформансна верзија на моќното GT купе пристигнува со управување на четири тркала и електронски контролиран заден диференцијал, со цел подобри возни карактеристики во свиоците, што не беше случај со претходните верзии.

Во Bentley се особено самоуверени во разликата која ја нуди новото механичко решение, па Continental GT Speed го нарекува “најспособниот перформансен Bentley направен досега“. Моделот се напојува со 6,0-литарскиот битурбо W12 мотор кој добива мало унапредување на моќноста од 634 на 648 КС, додека максималниот вртежен момент останува на 900 Nm. Благодарение на ова, спринтот од 0 до 60 милји на час (96 км/ч) сега се достигнува за 3,5 секунди или една стотинка побрзо од стандардниот модел, додека максималната брзина е 335 километри на час. Но, ова не е се, бидејќи Bentley направи неколку промени со цел повеќе да се почувствува разликата.

Bentley го унапреди осумстепениот автоматски менувач со двојна спојка да реагира побрзо и со поголема агресивност во Sport режимот. “Тјунираниот“ менувач наводно ги менува брзините двојно побрзо отколку кај стандардниот Continental GT. Направени се и промени на сопирачките, па овој модел добива и нов сет на карбонски керамички ротори кои заштедуваат 35 килограми, а променети се и системот на потпирање и управувањето.

Тука е новата електронска управувачка функција на сите четири тркала со која се унапредува агилноста со движење на предните и задните тркала во спротивна насока при ниски брзини, додека сите четири тркала се насочуваат во иста насока при високи брзини со цел да се унапреди стабилноста.

Суптилни промени во дизајнот

Кога станува збор за визуелните моменти, тие се дискретни, но GT Speed добива поагресивен изглед. Предната решетка и долните отвори за воздух на предниот браник се во Dark Tint финиш за поизразен изглед на екстериерот, заедно Speed беџовите на двете предни крила и сет 22-инчни тркала со светол или темен финиш.

Сличен третман е применет и во ентериерот, каде се наоѓа уникатната комбинација на двобојна кожа и Алкантара кои ги прекриваат седиштата, управувачот и делови на контролната табла. Купувачите можат да изберат меѓу 15 главни и 11 секундарни бои. Централната конзола, од друга страна, добива затемнети алуминиумски инсерти со цел да соодветствува со третманот на екстериерот.

Новиот Bentley Continental GT Speed ќе се најде во продажба подоцна оваа година, а цените допрва треба да бидат објавени.

Преземено од Avtoplus.mk