Русија е новата ветена земја за американските хотелиери

43

the-ritz-carlton-moscow-Американските хотелски ланци ја открија Русија како нова ветена земја за своето работење. Најголемите ланци како InterContinental Hotels Group (IHG), Holiday Inn Express, Marriott, Hilton, Radisson, Sheraton, Ritz-Carlton забрзано отвараат хотели во Москва и Санкт Петербург и со тоа ја поттикнаа силната конкуренција на пазарот, пишува Риа Новости.

“Русија е една од трите топ пазари, затоа што патувањето од и во Русија е во огромен пораст. Овде гледаме одлична можност затоа што има просперитет во земјава и затоа што е релативно неразвиен овој сектор”, изјави Тим Рајкрофт, директор на комуникации на IHG.

InterContinental веќе има 13 хотели во Русија, а во блиска иднина планира да отвори уште пет.

“Знаеме дека побарувачката за брендирани хотели во Русија е во пораст. Интернационалните патници сакаат да престојуваат во хотел – бренд кој веќе им е познат, а повеќето хотели во Русија се локални брендови или фамилијарни бизниси”, додава Рајкрофт за Риа Новости.

Хотелскиот ланец Hyatt објави дека следната недела ќе отвори нов хотел во Москва, брзајќи пред се посилната конкуренција. Morgans Hotel Group планира до 2015 година да го отвори својот прв хотел во Русија, а неделава во Санкт Петербург својот прв хотел го отвори луксузниот Four Seasons Hotels and Resorts, со планови следната година да отворат еден и во Москва.