Приходите на Coca Cola под очекувањата

89

Coca-Cola Soft DrinksCoca Cola во вториот квартал од оваа година оствари нешто помал профит и приход во споредба со истиот период минатата година, пред се поради економската ослабеност на Европа и Кина, но и лошите временски услови во светот. Coca Cola во вториот квартал оствари 2,68 милијарди долари или 59 центи профит по акција, што е за 4% помалку од претходната година. Исклучувајќи ги еднократните трошоци, добивката изнесуваше 63 центи за акција, што е во согласност со очекувањата на аналитичарите. Приходите, меѓутоа, се намалија за 2,6%, на 12,75 милијарди долари.

“Ова е повеќе аномалија, не треба да го гледаме како тренд или како системски проблем”, изјави извршниот директор на Coca-Cola, Мухтар Кент. Според него продажбата во Индија паднала поради монсуните, во Северна Америка поради ладното време, додека во Бразил поради финансиската криза, јавува Блумберг.

Компанијата со седиште во Атланта објави дека обемот на светската продажба на сите пијалоци е зголемен за 1%. Во Европа продажбата е намалена за 4%, во Кина е на исто ниво, во Азија е зголемена за 2%, а во регионот кој ги вклучува Северна Африка, Русија и Блискиот Исток за 9%.