Nissan подготвува мал електричен кросовер за Европа

46

Идните планови на Nissan поврзани со електрификацијата би можеле да вклучуваат и лансирање на субкомпактен електричен кросовер сличен на моделот Juke.

Јапонскиот производител Nissan сака дополнително да ја зголеми својата постава на електрични автомобили, а тоа би можело да се случи со додавање на мал, субкомпактен електричен кросовер со димензии на Juke, најави генералниот менаџер на Nissan во Европа, Николас Бозек.

По лансирањето на кросоверот Ariya, кој е првиот автомобил на Nissan базиран на специјалната платформа за електрични автомобили на Алијансата, CMF-EV, јапонската компанија размислува на додавање на повеќе електрични модели на Стариот континент. Од Nissan истакнаа дека CMF-EV архитектурата ќе се појави кај повеќе модели во иднина, што го потврди и ЕВ шефот на Nissan во Европа, Хелен Пери.

“Секако, и понатаму ќе ја користиме CMF-EV платформата за повеќе модели, а не само за Ariya. Немаше да вложуваме во целосно нова платформа на Алијансата ако не планиравме да ја користиме за повеќе модели“, рече Пери.

По ова, Николас Бозек потврди дека најновиот E-4ORCE систем за погон на сите четири тркала за електрични возила, кој ќе дебитира кај Ariya, ќе пристигне и кај други нови модели во блиска иднина.

“Мислиме дека ќе му најдеме место и кај други модели. Навистина сме силни во B сегментот. Би било навистина интересно овој систем да се најде кај ваков тип на автомобил“, изјави Бозек.

Покрај тоа што ќе има погон со два електромотори, претстојниот мал електричен SUV ќе добие и попристапни варијанти со еден електромотор, како што е случајот и кај поголемиот Nissan Ariya. Благодарение на супериорното пакување на ЕВ платформата, малиот кросовер на Nissan ќе понуди повеќе простор и поголема удобност од актуелниот Juke и покрај тоа што би биле со слични димензии на екстериерот.

Преземено од Avtoplus.mk