Шефот на VW го одбил Маск да работи во Tesla

129

Извршниот директор на Volkswagen, Херберт Дис, во неколку наврати јавно ја пофали компанијата Tesla, којашто тој ја гледа како главен ривал во иднина.

Volkswagen со своето ID семејство сака да започне нова ера во историјата на компанијата. Електричната офанзива која ја наметнува германскиот производител јасно алудира на нивните амбиции, а тоа е да станат најголемиот ЕВ производител на светот. Првиот човек на VW, Херберт Дис, има само пофални зборови за Tesla од кого сака да учи и да применува искуства, а според најновите информации, Австриецот добил понуда да работи во Tesla лично од Илон Маск, пред да ја добие актуелната улога во Volkswagen.

Според информациите на Auto News и германското издание на Business Insider, Дис имал голем број понуди откако си замина од BMW како член на Извршниот одбор. Како шеф на одделот за истражување и развој, Дис барал можност и шанса за напредување во автомобилската индустрија. Според информациите, Маск имал напишан договор според кој германскиот менаџер требало да ја добие највисоката позиција во Tesla.

Но, наместо тоа, Дис одлучи да се приклучи на VW Групацијата, каде што беше назначен за извршен директор за Volkswagen брендот. Но, и покрај сето тоа, се чини дека воопшто нема проблеми меѓу Дис и Маск. Двајцата се прилично блиски, а шефот на VW воопшто не ја крие својата воодушевеност од Tesla. Но, зошто Дис го избра германскиот, наместо американскиот бренд останува нејасно. Сепак, Tesla беше далеку поразлична компанија во 2014 година. Во првиот квартал компанијата успеа да продаде 7.500 возила. За споредба, во 2021 година, Tesla има направено повеќе од 180.000 возила во првиот квартал.

Од друга страна, иако Volkswagen има одлични перформанси под водство на Херберт Дис, не е тајна дека шефот на германскиот бренд има проблеми со останатите менаџери во VW. Ќе биде интересно да се види што ќе се случи со него, откако неговиот петгодишен договор ќе истече во 2023.