Земјите кои не инвестираат во здравството може да се соочат со намалување на кредитниот рејтинг

Земјите кои малку инвестираат во здравствениот систем може да се соочат со намалување на рејтингот, изјави Марио Монти, претседател на Паневропската комисија за здравство и одржлив развој на Светската здравствена организација.

“Пандемијата претставува огромна закана, не само за финансиската стабилност, туку и за целиот економски и финансиски систем“, изјави Монти за Ројтерс.

Монти, поранешниот италијански премиер, е претседател на Паневропската комисија, која беше основана минатиот септември од директорот на Канцеларијата на СЗО за Европа, Ханс Клуге.

Комисијата препорача членовите на Групата 20 (Г20) да формираат Глобален здравствен комитет кој ќе работи на спречување на идни пандемии преку идентификување на ризици, поставување глобални одредници за подготвеност на здравствениот систем и промовирање инвестиции во здравствената инфраструктура.

Извештајот на Комисијата проценува дека повеќе од 10.000 милијарди долари се изгубени низ целиот свет поради пандемијата Ковид-19 и заклучувањето за да се спречи ширењето на инфекцијата, што ги затвори деловните субјекти и луѓето во нивните домови.

“Секој обид за интеграција на здравствената заштита и финансиите однапред ќе се исплати во голем дел“, рече Монти во едно интервју.

Глобалниот здравствен комитет, вели тој, ќе биде направен по примерот на Одборот за финансиска стабилност, формиран по финансиската криза во 2008 година, и кој помогна во дефинирањето на глобалните регулативи за намалување на финансиските и банкарските ризици.

Неговата задача ќе биде да го сврти трендот во кој многу земји ги намалија здравствените трошоци по кризата во 2008 година.

“Со цел да ги убедат земјите да трошат повеќе, здравствените ризици може да се претворат во финансиски ризици“, рече Монти, додавајќи дека земјите со недоволни инвестиции тогаш може да се соочат со ризик од намалување на рејтингот.

Агенциите за кредитен рејтинг можат, во рамките на своите проценки, да ја земат предвид подготвеноста на здравствениот систем, се наведува во извештајот на Комисијата.

Фото: Pixabay