Грција заврши тригодишен проект за изградба и модернизација на 14 регионални аеродроми, вклучително и Солун, а вредноста на работите беше 440 милиони евра. Премиерот Кирјакос Мицотакис на церемонијата по повод завршувањето на работите за проширување на капацитетот на Солунскиот меѓународен аеродром Македонија, рече дека “Солун конечно го доби аеродромот што го заслужува“.
Инвестирани се 100 милиони евра за реновирање на аеродромот и тој сега изгледа сосема поинаку, рече Мицотакис, додавајќи дека е изграден нов голем терминал, уште многу трговски објекти и тој ќе може да опслужува 10 милиони патници годишно и да отвори 10.000 нови работни места.
Покрај Солун, во проектот се вклучени аеродромите Актион и Кавала, како и 11 аеродроми на островите Крф, Крит, Кефалонија, Кос, Лезбос, Миконос, Родос, Самос, Санторини, Скијатос и Закинтос, пренесува АНА.
Како дел од проектот, беа изградени пет нови модерни аеродроми, ист број беа проширени и четири беа модернизирани.
“Како што излегуваме од пандемијата, се надеваме дека зголемениот летен воздушен сообраќај ќе ни овозможи да очекуваме подобра туристичка сезона отколку што имавме минатата година“, рече Микотакис.
Фото: Facebook











