Американскиот милијардер и директор на компаниите SpaceX и Tesla изјави дека ја разгледува Русија како потенцијална локација за производство на електрични возила Tesla.
Обраќајќи се на образовен форум во Москва преку видео врска, Маск рече дека компанијата веќе има фабрики во Кина и САД, но дека сака да отвори производствени капацитети и во други делови на светот, пренесува Ројтерс.
Тој изјави дека сите видови на транспорт во иднина ќе бидат електрични, и дека ќе ги гледаме автомобилите со внатрешно согорување на ист начин како поранешните мотори на парен погон.
Американскиот милијардер додаде дека воопшто нема сомнеж дека возилата во иднина ќе бидат автономни. Тој исто така повика на дијалог меѓу Вашингтон и Москва во време кога според Ројтерс нивните билатерални односи се на најниско ниво од Студената војна.
“Во Русија има многу талент и енергија и мислам дека треба да има повеќе дијалог и комуникација меѓу Русија и САД“, рече Маск.
Фото: Facebook











