Турција најави производство на текстил во вредност од 12 милијарди долари

Бидејќи глобалната економија закрепнува од пандемијата, турската текстилна индустрија се надева дека ќе започне соработка со меѓународни компании и брендови со цел да го надмине производствениот капацитет од 100 милијарди долари, пренесува Fiber 2 Fashion.

Турција е петти најголем производител на текстил во светот и очекува во 2021 година да го произведе овој материјал во вредност од 12 милијарди долари или 30 милијарди долари, ако во истата категорија се пресмета и произведената облека.

Производствениот капацитет на турската индустрија за текстил и облека во вредност од 90 милијарди долари може да се зголеми благодарение на опремената модерна инфраструктура за производство и квалификуваната работна сила, се вели во соопштението од Истанбулското здружение на извозници на текстил и суровини.

Во турскиот текстилен сектор моментално се вработени повеќе од милион квалификувани работници.

“Закрепнувањето на меѓународната трговија нуди огромни можности за соработка меѓу турските текстилни компании и странските партнери“, рече претседателот на асоцијацијата во Истанбул, Ахмет Оксуз.

Тој рече дека турските производители на текстил сакаат “да ја претворат ерата на пандемијата во ера на профит“.

Благодарение на договорот за царинска унија меѓу Турција и Европската унија, којшто стапи на сила во 1996 година, турската текстилна индустрија е целосно усогласена со стандардите и нормите на ЕУ.

Фото: Pixabay