Ангеловска-Бежоска: Ако има потреба од интервенција за задржување на ценовната стабилност, ќе ги преземеме сите неопходни мерки

59

Постојната монетарна стратегија за одржување на стабилноста на домашната валута во однос на еврото е најоптимална за македонската економија, имајќи ги предвид нејзините карактеристики како мала и отворена економија. Оваа оцена на Народната банка ја споделува и Меѓународниот монетарен фонд, којшто секоја година врши оценување на усогласеноста на курсот со фундаментите на нашата економија или едноставно кажано, проценува дали нивото на курс коешто го имаме ние е пречка за поголема конкурентност на нашата економија. Заклучокот е дека курсот не е пречка и дека поголемата конкурентност треба да се обезбеди преку структурните политики. Поголемата флексибилност во однос на курсот би имала брзи преносни ефекти врз цените, би можела да има и неповолни ефекти врз финансиската стабилност и оттаму, цврсто стоиме на ставот за соодветноста на постојната монетарна стратегија.

Ова, меѓу другото, го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во вчерашното издание на емисијата 24 анализа на Телевизија 24. Во контекст на монетарната стратегија, таа посочи на важноста на девизните резерви коишто се на соодветно ниво, а се осврна и на значењето на пристапот до девизна ликвидност во евра од Европската централна банка, којшто на Народната банка за првпат ѝ беше овозможен минатата година.

Во емисијата, Ангеловска-Бежоска се осврна и на најновите макроекономски проекции на Народната банка и на очекувањата за постепено закрепнување на македонската економија со раст од 3,9% оваа година и враќање на преткризното ниво во текот на следната година, доколку нема остварување на ризиците, коишто првенствено се поврзани со натамошниот тек на здравствената криза. Притоа, посочи и на важноста на надворешното окружување, коешто е од значење за закрепнувањето на домашната економија.

Во контекст на очекувањата за оваа година, покрај на важноста на извозната активност, гувернерката посочи и на важноста на остварувањето на капиталните инвестиции, за коишто истакна дека може да претставуваат катализатор за позитивни промени, како и дека може да имаат мултипликативен ефект, вклучително и со влијание врз пазарот на трудот.

Ангеловска-Бежоска се осврна и на очекувањата за странските директни инвестиции. 

“Минатата година, странските директни инвестиции забавија, имајќи предвид дека и во глобален контекст имаше намалување на странските директни инвестиции. За годинава, меѓународните институции предвидуваат стабилизирање на овие финансиски текови и ние очекуваме закрепнување на инвестициите. Поконкретно, за странските директни инвестиции, најважно е што ќе се случува на меѓународните пазари. Сега, финансиските пазари се поволни и каматните стапки се ниски, а минатата година, кога се соочивме со кризата дојде до затегнување на меѓународните пазари и тогаш и каматите за позајмување пораснаа“, истакна гувернерката.

Во однос на инфлацијата, Ангеловска-Бежоска посочи дека таа и натаму е умерена, согласно и со најновите оцени и проекции, при што посочи дека Народната банка постојано ги следи движењата, а дека од клучно значење се цените на примарните производи на светските берзи, зашто најголемиот дел од потрошувачката кошница отпаѓа на храната и енергијата.

“Оцените на Европската централна банка упатуваат дека факторите што придонесуваат за поголема варијабилност на стапката на инфлација годинава главно се од привремена природа и за наредната година се проектира намалена стапка на инфлација. Ние ги следиме движењата и доколку има потреба од интервенција за задржување на ценовната стабилност, ќе ги преземеме сите неопходни мерки“, кажа Ангеловска-Бежоска.

Во емисијата, гувернерката се осврна и на прашања за банкарскиот сектор, при што говореше и за првичните показатели за првиот квартал од оваа година, коишто укажуваат на неговата стабилност.

Во однос на пропаѓањето на Еуростандард банка, гувернерката уште еднаш истакна дека дозволата за работа ѝ беше одземена откако биле исцрпени сите можности што централната банка ги има на располагање.

“За кој било гувернер или за централна банка нема потешка одлука од одлуката за затворање банка. Таква одлука се носи откако ќе бидат вложени максимални напори и ќе бидат исцрпени сите можности за поповолно решение за банката, особено имајќи ги предвид интересите на депонентите. Таков беше и овој случај“, истакна Ангеловска-Бежоска.

Истовремено, таа напомена и дека деловните банки се приватни институции коишто самите одлучуваат за секој кредит.

“Централните банки не даваат кредити, не одлучуваат, ниту, пак, тие кредити подлежат на согласност од страна на централните банки. Оваа банка беше под засилени контроли и се проверуваше степенот на ризик на којшто се изложува. Одлуките за кредит ги носеле кредитните одбори, а ако износот на кредитот е поголем, одлуката ја носел Надзорниот одбор“, рече Ангеловска-Бежоска во интервју за Телевизија 24.

Во емисијата, гувернерката се осврна и на податоците за кредитната активност и депозитите, како и на очекувањата за нивен натамошен раст во следниот период.