Rimac го претстави автомобилот од два милиони евра

77

Хрватската компанија Rimac Automobili денеска официјално ја претстави на верзијата за сериско производство на моделот C_Two, чие име ќе биде Nevera.

По долги подготовки и исцрпни тестирања, Rimac го обелодени конечниот изглед на својот супер спортист на електричен погон, поставувајќи нови стандарди во сегментот.

Инаку, Nevera на хрватски го означува името за неочекувана и моќна медитеранска бура, што сосема му прилега на новиот автомобил на Rimac. Во споредба со концептот, новиот Rimac Nevera се одликува со широк опсег на промени на каросеријата и аеродинамичките елементи, со што добива 34% подобра аеродинамична ефикасност.

Неверојатна брзина

За придвижувањето на Nevera се задолжени четири специјално направени електромотори, по еден за секое тркало, а заеднички испорачуваат 1.914 КС и 2.360 Nm вртежен момент. Енергијата се испорачува преку 120 kWh водено-ладена литиум-манган-никел батерија дизајнирана од страна на Rimac.

Од Rimac истакнуваат дека моќниот хиперавтомобил од нула до стотка стигнува за помалку од две секунди, поточно за 1,97, додека до 300 километри на час на Nevera и се потребни само 9,3 секунди. Максималната брзина на автомобилот е 412 километри на час.

Неговата цена ќе биде два милиона евра, а ќе се произведе во само 150 примероци. Првите испораки се најавени за оваа година.