Кина планира да стане голем извозник на вино

Кина започна да инвестира значителни суми пари во лозарството за да може да им парира на најпознатите светски производители на вино од Бордо. Регионот Нингсија е многу познат регион во оваа азиска земја по своите лозја. Во иднина тие ќе се прошируваат и подобруваат за да можат на светскиот пазар да се натпреваруваат со познати региони кои се синоним за вино.

Се предвидува дека, со помош на државата, до 2035 година Нингсија ќе произведе 600 милиони шишиња од овој пијалок во вредност од 3,12 милијарди долари. Тоа е план на кинеските власти кои цврсто одлучија овој регион, кој се наоѓа на слична географска ширина како францускиот Бордо, да биде светски центар за вино.

Дека Нингсија има потенцијал, покажуваат и минатогодишните бројки – во 2020 година, извозот на вино од овој регион се зголеми за 46,6 %. Овие вина главно се извезуваат во САД, ЕУ, Австралија и Јапонија.

Фото: Pixabay