Новата сезона во Formula 1 ќе донесе и неколку големи новитети со што ќе започне една нова ера во најбрзиот циркус на планетата.
Раководството на Formula 1 се подготвува за новите промени кои ќе стартуваат од следната сезона, односно од 2022 година, а една од нив е новиот болид. Препознатливиот едносед добива целосно нов дизајн кој ветува највозбудливо и најизедначено тркање во турбо-хибрид ерата на спортот.
Formula 1 започна со работа на новиот болид уште во 2017 година кој мина низ 138 базични дизајни и стотина часови во воздушните тунели, додека мотоспорт тимот направи околу 7.500 симулации со цел да се дојде до дизајнот кој сега е официјално претставен.
Главната цел на новиот болид е да се создаде понеизвесно, поизедначено и поблиско тркање. Актуелните болиди креираат големо аеродинамичко нарушување што доведува до “катастрофално губење на силата“ за болидите кои се позади. За да се квантифицира сето ова, истражувањето на F1 покажало дека сегашните болиди губат 35 проценти од својата моќ кога се три должини пред болидот пред нив, односно 47 проценти кога се само една должина зад оној пред нив. За споредба, новиот болид од 2022 година ќе ги намали овие бројки на само 4, односно 18 проценти.
Промени кои ветуваат многу повозбудливи трки
Веројатно најголемите промени на новиот болид се аеродинамичните карактеристики и севкупниот дизајн на каросеријата, кои се поедноставени не само за да се минимизира аеродинамичкото нарушување, туку и да се ограничат трошоците за развој во обид да се израмнат силите меѓу тимовите. Интересно, мотоспорт тимот дури размислува новиот болид воопшто да не добие предно крило, но на крајот не дошло до таква одлука.
Покрај ова, кај новите болиди се враќаат и прекривките за тркалата за првпат по 2009 година, но 18-инчните тркала на кои се поставени се новина во F1 и голема разлика во однос на старите 13-инчни. Новите болиди и понатаму ќе се напојуваат со 1,6-литарски турбо V6 хибридни единици и иако не постојат официјални спецификации, некои тимови наводно успеале да достигнат до моќност од 1.014 КС на актуелните. Поголемата промена со овие моторни единици е тоа што за 2022 ќе функционираат на многу поодржливо гориво според кое нивото на био компоненти се искачува на 10 проценти, наместо 5,75 во 2021.
Покрај ова, Formula 1 посвети и многу поголемо внимание на безбедноста, па новите болиди ќе исполнуваат некои навистина строги безбедносни критериуми. Но, она што треба да се напомене е дека овој болид кој го прикажа F1 е базичен, бидејќи секој тим ќе добие шанса на свој начин да ги изработи своите болиди согласно регулативите и секако да ги персонализираат во препознатливите бои.
Преземено од Avtoplus.mk